Почнуваат рамазанските пости – дали ИВЗ ќе ги почитува препораките на македонските власти?

Неодамнешната изјава на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, кој рече дека ако Владата не им помогне, ќе ја укинат забраната за посета на џамиите, за професорот по безбедност и добар познавач на верските прашања, Цане Мојаноски, станува збор за определен облик на неснаоѓање на верските заедници во актуелната состојба.

„Да отворите прашања дека вие, ако некој нешто не ви задоволи, ќе се заканите со друга закана, тоа укажува дека не сте ја разбрале положбата која ја имате“ вели универзитетскиот професор Цане Мојаноски.

„Не дај Боже ако ги повлечеме нашите повици за пандемијата. Ситуацијата ќе излезе од контрола и овде ќе стане Бангладеш“, рече Сулејман Реџепи, Поглавар на ИВЗ

Но и Владиката Тимотеј не ја исклучува можноста и МПЦ да бара финансиска помош од државата затоа што и црквата била зафатена со економска криза.

„Но тоа нема да го правиме со уцени и закани. Само епархијата има дваесет вработени, на кои на први треба да им дадам плата, а од каде да им дадам кога сите цркви се под клуч. Еден месец или два можеме да издржиме, но ако продолжиме ќе мора или да ги отпуштиме или да бараме начин како да ги обештетиме луѓето“ рече Владика Тимотеј, Митрополит на Дебарско – кичевска епархија.

Професорот Мојаноски пак додава дека во една вака сложена ситуација потребна е поголема мудрост од страна на лидерите на верските заедници во земјава.

„И ИВЗ во писмото до Владата, која на еден нетипичен и нерелигиозен начин се обраќа за помош или за начинот на премостување на финансиските проблеми и православната црква, која пак со еден интересен однос помеѓу обврските кои ги наметнува државата и црквата секогаш ја става напред државата, повеќе или помалку зборува за еден амбиент во кој се наоѓаат верските субјекти во Македонија, како структури кои не секогаш можат да ги следат потребите на времето“ смета Мојаноски.

Според него треба да се следи примерот на сите позначајни верски лидери во светот, и се додека трае кризата, повикот за почитување на мерките на државните органи да биде јасен и недвосмислен.

- Реклама -