Почнува вакцинацијата со трета доза во Македонија

Трета доза на вакцина од денеска достапна за граѓаните над 60 години возраст, здравствените работници и пациенти кои имаат имунокомпромитирана состојба, без оглед на возраста. Третата доза вакцина треба да биде од производителот „Фајзер“, а дополнително ќе следат препораки за вакцини од други производители.

Министерот за здравство Венко Филипе најави и скрининг на генералната здравствена состојба на населението, како и брзи антигенски тестови за учениците.

„Граѓаните над 60 години кои примиле втора доза во моментот кога ќе поминат шест месеци ќе добијат СМС-порака дека може да се јават и да примат трета доза вакцина. Таа порака ќе биде потсетување дека нема посебен термин или пункт, може да одат каде било најблиску до местото на живеење. И понатаму ќе функционира пунктот во салата ‘Борис Трајковски’, во сите други поликлиники тука во Скопје и ширум државата“, изјави вчера Филипче.

Во однос на скринингот на училиштата, министерот посочи дека прво ќе се почне со обезбедување согласност од родителите, а потоа ќе биде презентирана и методологијата.

„Јас верувам дека подготовката во текот на следнава недела ќе заврши и дека од таа недела потоа ќе го започнеме процесот на тестирање. Сакам да кажам дека целта е да се откријат евентуални асимптоматски носители на вирусот, знаејќи дека децата се најчестите асимптоматски преносители“, рече Филипче.

Според податоците на Министерството за здравство, 73 проценти од пациентите кои починале од Ковид-19 имале најмалку две хронични болести, што, според Филипче, е факт кој бара еден детален скрининг на генералната здравствена состојба на населението. Тој деновиве рече дека скринингот ќе ја опфати здравствената состојба на пациентите претходно, типот на хронични болести, начинот на лекување, редовноста во земањето терапија и пристапот кон неа, колку често се јавуваат на контролни прегледи.

Деновиве во државата пристигнаа 100 илјади вакцини од компанијата „Фајзер“ преку системот Ковакс, а вкупно од овој производител има околу 250 илјади, 50.000 вакцини на „Синовак“ и околу 100 илјади вакцини од производителот „Астра Зенека“. Од Министерството за здравство очекуваат наскоро Данска да ја објави донацијата од 250 илјади вакцини од производителот „Џонсон“, кои имаат рок до 2023 година.

Заклучно со петокот, вакцинирани се 781.623 граѓани, а ревакцинирани 714.135, односно аплицирани се вкупно 1.495.762 дози.

Со последните бројки, барем една доза вакцина имаат примено 55 отсто од населението над 40 години и 31 отсто од населението од 18 до 39 години.

Министерството потсетува дека за вакцинирање на пунктовите не е потребно закажан термин, а децата од 12 до 18 години се вакцинираат со согласност од родител.

„Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста, се намалува шансата од заболување, како и смртен исход“, информира Министерството за здравство.

Ковид-статистиката слична на претходните денови. Вчера беа регистрирани 336 нови случаи од направени 3.425 тестирања или околу 9.8 отсто. Беа евидентирани 17 починати лица, од кои половината се од Скопје и Куманово и оздравени 222 пациенти. Од починатите, најмладото лице е на 38-годишна возраст од Охрид.

Досега во земјава се направени вкупно 1.277.428 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 189.887 бројката на оздравени пациенти е 170.956, на починати е 6.594, а бројот на активни случаи изнесува 12.337.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 5735 активни случаи, следи Куманово – 979, Тетово – 948, Охрид – 515, Гостивар – 488, Кичево – 411, Струга – 365, Струмица – 331, Велес – 324, Прилеп – 300, Битола – 287, Штип – 248, Кавадарци – 225. Во другите градови се под 200 активни, а во Дојран само еден случај на позитивен на коронавирусот.

Од денеска почнува и изборната кампања за локалните избори, но епидемиолозите не очекуваат таа да ја измени епидемиолошката слика во државата оти голем дел од населението веќе го има прележано вирусот, а и ревакцинирани се над 700 илјади граѓани.

МИА

- Реклама -