Почнува првото судење за воено злосторство во Украина

Денеска во Украина започна судењето на 21-годишниот руски војник – Вадим Шишимарин, осомничен за убиство на цивил во украинското село Чупакивка. Ова е првиот случај, од почетокот на војната во Украина, во кој припадник на руските сили се гони за воено злосторство.

Шишимарин се товари за убиство на 62-годишен невооружен цивил во село во североисточна Украина, во регионот Суми. Според обвинението, тој се возел во украдено возило заедно со други руски војници во моментот кога налетале на 62-годишникот, кој зборувал на телефон додека возел велосипед. Шишимарин, по добиена наредба, му пукал во глава за да го спречи лицето да ја пријави нивната локација до украинските сили. Обвинет за воени злосторства и убиство со умисла, 21-годишникот може да добие и доживотна казна затвор.

Адвокатот на обвинетиот војник – Виктор Овсјаников, призна дека Обвинителството изградило цврст случај против неговиот клиент. Сепак, конечната пресуда ќе ја донесе судот во Киев, посочи тој.

Шишимарин сè уште се нема одлучено како ќе се изјасни за обвинението.

Претходно, минатата недела, украинското Обвинителство објави одредени детали на социјалните мрежи, според кои Шишимарин пукал со Калашников низ отворениот прозорец на возилото и го погодил човекот во главата. Со деталите беше објавена и куса снимка на која 21-годишниот руски војник признава дека го извршил делото:

Прочитајте и:  Шолц телефонски разговарал со Путин, првпат по две години... ова биле темите

„Наредено ми беше да пукам. Пукав во човекот, тој падна, а ние продолживме понатаму“, раскажува тој на снимката.

Судењето на Шишимарин ќе го следат и активисти за граѓански слободи, со цел да се осигураат дека се обезбедени неговите законски права.

„Може да биде тешко да се одржи неутралноста на судските постапки за време на војната. Почитувањето на правилата и на нормите ќе одреди како во иднина ќе се решаваат слични случаи“, изјави Володимир Јаворкиј – координатор во Центарот за граѓански слободи во Киев.

Според главниот украински обвинител, има сè поголем број истраги поради наводни убиства, злоставувања и мачења на цивили во Украина од страна на руски војници. Се истражуваат над 10.700 потенцијални воени злосторства, во кои се вклучени повеќе од 600 осомничени.

Извор: МИА/агенции

- Реклама -