Скопје, 2 јануари 2022 (МИА) – Стапија во сила измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден за 92 проценти од работниците. За останатите, кои ќе работат во недела, измените предвидуваат за најмалку 50 проценти поголема дневница и слободен ден за работниците, кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството, дејности во кои работниот процес не смее или не може да биде запрен, како и 100 отсто поголема дневница и слободен ден за оние што ќе работат во несуштинските дејности на кои ќе им биде дозволено да работат.
Како дејности што мора да работат за нормално функционирање на општеството, во Законот за работни односи се наведени одгледување животни, мешовито фармерство, вадење јаглен и лигнит, вадење руди на метал, печатење и издавање весници, производство на леб, слатки во свежа состојба и бисквити, производство на плочи, листови, цевки и профили од пластични маси, производство на индустриски гас, производство на метали, аптеки, снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, снабдување со вода, отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности на санација на околината, како и копнен, цевоводен, воден и воздухопловен транспорт.
Во овие дејности спаѓаат и складирање и помошни дејности во превозот, објекти за сместување, дејности за подготовка на оброци и служење храна, филмска дејност, дејности за видео и телевизиска програма, емитување програма, телекомуникации, информативни услужни дејности (хостирање, обработка на податоци, интернет-портали и сл.), прикажување филмови, фотографски дејности, ветеринарни дејности, изнајмување и давање под закуп (лизинг) моторни возила, дејности на приватна заштита и услуги на заштита со помош на сигурносни системи, но и дејности на повикувачки центри.
Како суштествени се наведени и општите дејности на јавната управа, само за итни и неодложни работи поврзани со одржување седници, инспекциски надзори, а кои работи се од витално значење за државниот и јавниот интерес, работи на одбраната, судски и правосудни дејности, работи на јавниот ред и безбедноста, дејности на пожарникарската служба, дејности за здравствена заштита, дејности на социјалната заштита со сместување, креативни, уметнички и забавни дејности, дејности на музеите, дејности на зоолошки градини и природни резервати, спортски, забавни и рекреативни дејности, погребни и слични дејности, царинска служба на гранични премини, дејности што имаат карактер на помошни или придружни дејности со цел непречено функционирање на дејностите од овој став, врз основа на склучен договор со работодавачот од дејностите од овој став, како и работни места од други дејности што не се опфатени со овој став, а имаат карактер на помошни и придружни работи за непречено извршување на основната дејност на работодавачот.
Со измените и дополнувањата на Законот за трговија, кој регулира дел од прашањата за работа на денот на неделен одмор, се регулира и работата на дел од трговските субјекти кои ќе можат да работат во недела. Во согласност со Законот, трговијата на мало може да се врши во специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност, како и во продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун.
Законот предвидува и да можат да работат продавници, киосци и штандови во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 8.000 м2, штандови и киосци каде што се продаваат добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела, во продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата и зелените пазари.
Во согласност со Законот, 2 отсто од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.
Работодавачите кои ќе го прекршат законот ќе се соочат со забрана за работа од 15 дена и прекршочна пријава. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените.
– Недела неработен ден e реалност. Владата и Министерството за труд и социјална политика го исполнија ветувањето што им го дадоа на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92 проценти од работниците, порача министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на законските измени за недела неработен ден.
Со ова, нагласи таа, се воспоставува рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.
– Работниците се нашиот најголем капитал. Нивниот труд мора да се почитува и вреднува. Затоа, оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои поради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден што ќе можат да го искористат во наредните седум дена, вели Шахпаска.
Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела, ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100 отсто. А дополнително, 2 отсто од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.
Опозицијата реагираше за, како што посочија, непринципиелност во времето за работа во недела. За трговците кои имаат поголем деловен простор од 8.000 квадратни метри, велат, дозволено е да работат 10 часа во недела, а за останатите осум часа. Прашаа зошто со законското решение се забранува да се продава овошје и зеленчук во недела во маркетите, а може да се продава сè друго. Според нив, законско решение е да можат да работат големите маркети по моловите, а да не може да работат маалските продавници.
Иницијатор на измените за недела неработен ден е Сојузот на синдикатите на Македонија од каде што велат дека суштината на социјалниот дијалог е да се почитува договореното и оти така јакне довербата помеѓу социјалните партнери. Така, велат од ССМ, тие се мотивираат за унапредување на системот на преговарање како начин за уредување на законите и националните политики и стратегии.
– Во услови на светска здравствена криза, предизвикана од Ковид-19, се покажа дека повеќе од потребно е недела да биде неработен ден за сите работници. По пат на социјален дијалог со Влада и работодавачите, гласањето во Собранието од страна на пратениците, успеавме да го обезбедиме ова право на работниците, велат од ССМ.
Според Синдикатот, деведесет и два проценти од работниците ќе одмораат, а оние осум проценти што работат во дејностите во кои не може да се прекине работниот процес, за работа во недела ќе добиваат најмалку дополнителни 50 отсто додаток на плата за секој поминат час за работа во недела, а синдикатите здружени во ССМ веќе преку колективните договори обезбедија и 100 посто додаток на плата за работа во недела, наведуваат од ССМ.
ССМ смета дека ова претставува одличен пример за унапредување на работничките права преку создавање правна рамка за почитување на демократските вредности.
Славица Стефановска