Во ватиканската Сикстинска капела денеска почнува изборот на новиот Папа, наследникот на Бенедикт XVI, на конклавите на 115 кардинали од целиот свет.
Сикстинската капела ги затвори вратите за посетители минатиот вторник, а во саботата на нејзиниот покрив е монтиран оџак, како традиционално средство за комуникација на кардиналите со надворешниот свет за резултатите од гласањето. Монтирани се и две печки во кои се ќе се запалат гласачките ливчиња на кардиналите.
Портпаролот на Светата столица, Федерико Ломбарди, најавил дека конклавата ќе трае кратко и дека новиот поглавар на 1,2 милијарди католици би можел да биде избран на крајот на оваа недела.
Папата Бенедикт XVI е прв поглавар на Римокатоличката црква во последните 600 години кој своеволно го напушти тронот.
Се шпекулира дека миланскиот бискуп, кардиналот Анџело Скола веќе собрал 40 гласови. Тој би требало да биде фаворит на италијанските кардинали и на цврстите следбеници на Бенедикт XVI.
За избор на Папа потребно е двотретинско мнозинство. Од 115 кардинали, 60 доаѓаат од Европа од кои 28 се Италијанци, 19 од Латинска Америка, 14 од Северна Америка, 11 од Африка, 10 од Азија и еден од Австралија. Се претпоставува дека во случај Папата да биде избран веќе утре, дека тоа ќе биде токму Скола.
Кардиналите денеска ќе гласаат еднаш, а од утре два пати наутро и два пати попладне. Ако по три дена нема резултат, гласањето се прекинува на еден ден кој ќе биде посветен на молитва, состаноци и духовна обнова.
Кога еден од кардиналите ќе го добие потребното мнозинство, првото прашање што му се поставува е дали го прифаќа изборот. А потоа го соопштува името по кое ќе го викаат.
Избраниот кадинал нема обврска да го прифати изборот, но во пракса кардиналите кои не сакаат да бидат Папи најавуваат однапред.