Директорот на Драмски театар, актерот Бранко Ѓорчев почина ноќеска по една година битка со ракот.
Утре во 11 часот во Драмски театар во Скопје ќе биде одржана комеморација, а блиските ќе се простат од Ѓорчев во 13 часот на градските гробишта во Бутел.
Ѓорчев е роден во 1962 година, а во 1986 дипломирал на Факултетот за Драмски уметности, во класата на професорот Вукан Диневски.
Од 1987 работи како актер во Драмски. Во својата кариера има остварено бројни улоги, како главни така и споредни.
Во 2006 година беше избран за директор на Драмскиот театар, а во 2010 реизбран на оваа функција.
Во ноември, минатата година Ѓорчев ја доби државната награда „Св. Климент Охридски“, која се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, спортот, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјална дејност од јавен интерес за Република Македонија.