Почина актерката Шенон Доерти | NetPress


Американската актерка Шенон Доерти, најпозната по улогата на средношколката Бренда Волш во хит ТВ серијата од 1990-те „Беверли Хилс, 90210“, почина на 53-годишна возраст по долгогодишна битка со ракот, објави во неделата магазинот People.

„Со тешко срце ја потврдувам веста за смртта на актерката Шенон Доерти. Во саботата на 13 јули таа ја загуби битката со ракот по долга борба со болеста“, го цитира магазинот агентката на актерката Лесли Слоун.

Доерти јавно проговори за нејзината битка со ракот на дојката, откривајќи во 2015 година дека се лекувала од оваа болест. Во 2019 година, дознала дека нејзиниот рак се вратил и се проширил и дека е во четврта фаза, а во 2023 година болеста се проширила во мозокот и таа повторно била подложена на терапии. Потоа откриа дека ракот се проширил на коските.

Актерката стекна огромна популарност во улогата на студентката Бренда Волш во ТВ серијата „Беверли Хилс, 90210“. Нејзиниот брат близнак Брендон во серијата го играше Џејсон Пристли, со кој остана блиска до крајот на животот, како и покојниот Лук Пери, кој го играше Дилан во серијата.

Доерти е родена во Мемфис, Тенеси, на 12 април 1971 година, а почнала да глуми уште како дете. На 11-годишна возраст ја играла Џени Вајлдер во последната сезона на ТВ класиката „Малата куќа во преријата“. Во 1988 година добила улога во мрачната комедија „Хедерс“, која стана култна класика.

Беше во брак трипати, последен пат со фотографот Курт Исвариенко. Таа поднесе барање за развод од него во 2023 година.

- Реклама -