Побело од белото

Знаете ли дека … крзното на белите мечки не е бело, туку прозрачно?

Крзното на белата мечка ѝ обезбедува камуфлажа и изолација. Иако изгледа бело, крзното е прозрачно, налик на водените капки што го сочинуваат облакот. Влакната ја прекршуваат светлината така што нам ни изгледа бела. Имено, човечките очи ја гледаат оваа боја кога некој објект ја одразува целата видлива светлина, наместо да апсорбира дел од брановите. Шупливите влакна ја пренесуваат сончевата светлина директно на кожата одоздола и така заедно со 10 сантиметарскиот слој поткожни масти обезбедуваат топлина за телото при студени температури на Северниот Пол, а под оваа проѕирна обвивка белите мечки всушност се црни! На крајот на 70-тите години на минатиот век, пак, научниците откриваат многу бели мечки од зоолошки градини во светот, кои што всушност се зелени!

Со староста крзното може да пожолти. Тврдите влакна на стапалата на мечката ѝ даваат изолација и можност за кочење на мразот. Белите мечки се митарат од мај до август, но за разлика од други арктички цицачи, бојата на летното и зимското крзно не се разликува.

Густото поткрзно одлично ја загрева мечката: тие се прегреваат на температури над 10 °C, а и речиси невидливи се на инфрацрвена камера, што значи дека не испуштаат топлина.

Надворешното крзно е долго 5-15 см, освен на предните нозе на мажјаците, кај што расте и подолго. Се смета дека тоа има намена да ги привлекува женките, слично како гривата кај лавот.

 

- Реклама -