Дека мечот со Чиле беше само лош ден македонските ракометари покажаа на денешниот дуел со Катар, во кој што благодарение на одличните први триесет минути го совладаа противникот со 34-30, стигнаа до втората победа во групата Б и си го трасираа патот кон осминафиналето од СП 2013. За разлика од вчерашниот премиерен дуел, овојпат нападот функционираше беспрекорно, особено во првото полувреме кога нашите ракометари постигнаа 21 гол и имаа само три промашени шутеви за 30 минути игра (по еден на Мојсовски, Кире Лазаров и на Левов).
Во вториот дел, нашите репрезентативци се обидоа рутински да си ја одработат задачата, да сочуваат дел од силите за следните мечеви, но тоа за малку ќе им се одмаздеше. Повторно многу се грешеше во нападот, одбраната веќе не беше толку сигурна, па противникот опасно се приближи. Катар дојде и на „минус два“, но заигравме одлично во самата завршница и на крајот сосема заслужено стигнавме до втората победа во групата.
Натпреварот почна токму онака како што посакуваа нашите ракометари, кои што благодарение на одличната одбрана по само една минута игра поведоа со 2-0, со головите од противнапад на Велко Маркоски и Дејан Манасков. Ефикасниот напад беше рецептот за успех на стартот, расположено делуваше Наумче Мојсовски, а со погодокот на Филип Лазаров поведовме со 6-2.
Македонската репрезентација делуваше максимално расположено, капитенот Лазаров шутираше незапирливо од далечина, па по 12 минути игра резултатот веќе беше убедливи 9-4. За импресивноста на нашиот старт најдобро говори фактот дека првиот нереализиран напад го имавме дури во 15. Минута, кога Мојсовски биеше крај голот, но дотогаш веќе имавме направено солидна предност од 11-6. Следеше нова наша серија од 3-0, со што предноста се зголеми на осум гола (14-6) и само се потврди кој е кој на овој натпревар.
Гол-шоуто на Македонија продолжи, па со четвртиот гол на Дејан Манасков нашето водство беше изразено со десет гола (16-6). Следеше исклучување на Темелков, што нашите противници го искористија за да постигнат три гола во низа, но работите се вратија во нормала кога се комплетиравме, па експресно реализиравме преку Ванчо Димовски. Во финишот од полувремето исклучен Никола Маркоски, што Катарците го искористија за да ублажат на 21-13, резултат со кој што се замина на полувреме.
На стартот од вториот дел Шундовски ги уфрли во игра Георгиевски, Миркуловски, Стоилов и голманот Митревски. Нападот не функционираше онака како во првото полувреме, но барем одбраната беше на потребното ниво и ја одржуваше одличната предност. Сепак, следеше ново опуштање со што на противникот му се овозможи да постигне неколку брзи погодоци, па македонскиот селектор зеде минута одмор на петнаесет минути до крајот, при водство на нашиот национален тим од 26-21.
Лазаров го реализираше следниот напад, но веднаш потоа исклучен беше Миркуловски и противникот дојде на „минус четири“ (27-23). При водство од 28-23 имавме и ракометар повеќе, но промашивме два „зицери“ преку крилата Георгиевски и Темелков, па Катар на единаесет минути до крајот се приближи на 28-26. Сепак, во вистински момент ја стабилизиравме играта, погодивме преку Стоилов и Кире Лазаров, за потоа со одбранетиот зицер од страна на Борко Ристовски да ги демотивира противниците и да се „одлепиме“ на сигурни „плус пет“ (32-27).
На крајот, рутински триумф од 34-30 над Катар, одлично прво полувреме, какво што треба да биде изданието на Македонија и во продолжение од мундијалот и повторно опуштање кое не смее да се повторува на останатите мечеви со многу поквалитетните ривали.