По Колорадо, и Мејн го отстрани Трамп од гласачкото ливче

Поранешниот претседател на САД Доналд Трамп е отстранет од гласачкото ливче за претседателските избори во Мејн, откако државната секретарка на Мејн, Шена Белоус, членка на Демократската партија, го отстрани неговото име од гласачкото ливче повикувајќи се на клаузулата за бунт од Уставот на САД.

Со овој потег, државната секретарка на Мејн стана првиот изборен функционер кој еднострано презеде акција што има потенцијални последици за Изборниот колеџ, пишува „Гласот на Америка“. Таа рече дека Трамп не е квалификуван да се кандидира за претседател поради неговите постапки што доведоа до немири во Капитол во 2021 година. Во нејзината пресуда на 34 страници се вели дека Трамп мора да биде отстранет од прелиминарните избори на републиканците во Мејн поради 14-тиот амандман, кој забранува секој што „учествувал во бунтот“ да врши федерална функција. Таа, исто така, напиша дека Трамп „во текот на неколку месеци, кулминирајќи на 6 јануари 2021 година, користел лажна приказна за изборна измама за да ги разгори своите поддржувачи и да ги испрати во Капитол“. Таа додаде дека неговите „повремени барања до бунтовниците да бидат мирни и да ги поддржат органите на прогонот не ги оправдуваат другите негови постапки“. Зборувајќи за BBC News по нејзината пресуда, таа рече дека има должност да ги почитува изборните закони на нејзината држава и се надева дека Врховниот суд ќе го реши проблемот низ целата земја.

Прочитајте и:  Бајден бара од Конгресот да и отпише долг на Украина од 4.6 милијарди долари

Со овој чин, Мејн се приклучи на Колорадо како втора држава што забрани гласање за Трамп. Нивните одлуки го зголемуваат притисокот врз Врховниот суд на САД, кој треба да одлучи дали постапиле во согласност со Уставот.

Изборниот штаб на Трамп најави дека ќе поднесе жалба на пресудата на Мејн до државните судови. Портпаролот на кампањата Стивен Чанг ja нарече Шена Белоус „хиперпартиски демократ кој го поддржува Бајден“. Чанг смета дека на овој начин таа се меша во изборите.

- Реклама -