Веднаш по инаугурацијата на новиот претседател Стево Пендаровски, едно од неговите први ветувања беше дека ќе се потруди да биде незабележлив за граѓаните кога како претседател со својата колона ќе поминува по градските улици.
На денешниот брифинг за новинари, покрај тоа што повтори дека не е фан на шетање со ротациски светла и блокирање на сообраќајот на крстосниците и темпото на движење на граѓаните, Пендаровски соопшти и дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија и канцеларии од државата.
Наместо тоа, Пендаровски планира да побара просторија во Министерството за надворешни работи и таму да ги одржува состаноците и средбите во својство на поранешен претседател.
Наместо пензија, Пендаровски рече дека ќе се врати на досегашното работно место – професор (на „Американ колеџ“).
Тој порача и дека целосно ја поддржува иницијативата на невладините организации за намалување на привилегиите на функционерите.