По исказот кај Русковска, Ременски даде изјава пред новинарите

Пратеничката на СДСМ Фросина Ременски-Ташевски, која е почесен претседател на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски-Боки 13, денеска три часа беше на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција за случајот „Рекет“. По распитот, таа кажа дека како почесен претседател на организацијата немала никаква формално-правна обврска да учествува во органите на организација и дека немало нејзино лично присуство кај облигационите односи што ги има Меѓународниот сојуз со фирми и лица.

„Денеска бев повикана како лице од кое се земаат одредени известувања, да дадам одговор за сè што е поврзано со случајот ‘Рекет’ и Меѓународен сојуз. Тоа што е во интерес на истрагата ќе си остане за Јавното обвинителство. Кај сите облигациони односи што ги има Меѓународниот сојуз со фирми и лица, лично присуство мое нема. Не зборувам за лични релации кои не се во контекст на кривично правниот настан што е предмет на истрагата. Почесното претседателство не претставува формално правна обврска за какво било учество во органи на политичка партија или некоја организација. Тоа се дава како еден вид на признание за одредени активности во сфера која можеби допира сфера на организација чиј почесен член сте“, кажа Ременски.

Пред Ременски, на распит кај Вилма Рускоска за „Рекет“ беа водителката Лила Филиповска, бизнисмените Ардијан Амзоски и Силјан Мицевски и Бурим Рустеми, Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска од СЈО.

Во притвор за „Рекет“ се осомничените Катица Јанева, Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец.

- Реклама -