На денешната седница на советот на Општина Центар, усвоена е измената на програмата за одбележување на значајни настани, истакнати личности и маалски традиции со спомен обележја во општината.
Според измената, а по иницијатива на МАНУ, на триаголниот парк спроти ресторанот „Идадија“ во Дебар Маало, свое спомен обележје ќе добие неодамна починатиот драматург и член на Академијата – Горан Стефановски.
Стефановски почина на 27 ноември, на 66-годишна возраст, по кратко но тешко боледување, во Кантербери, Велика Британија, каде ги помина последните две децении од животот. По негова желба, неговата пепел ќе „почива“ во водите на Охридското Езеро.