По четири неуспешни обиди, седницата за избор на претседател на Уставен суд продолжува утре

По четири неуспешни обиди за избор на претседател на Уставен суд, седницата за избор продолжува утре, информираат од Уставен.

Според информациите, на седницата за избор која започна денеска во 10 часот ниту еден од предложените кандидати не го добил потребното мнозинство. Се гласало за избор помеѓу судијките Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева.

Новиот претседател на Уставен ќе ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истекува на 2 јуни.

Според Деловникот на Уставен, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.

Покрај Кацарска, актуелни судии во Уставен суд од кои некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.

Прочитајте и:  Костадиновски: Не се доведува под закана законот за јазиците, туку само примената - како се операционализира

Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.

Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите.

Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.

Добрила Кацарска, вчера на прес-конференција за својот тригодишен мандат, рече дека го завршува со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив.

Дел од реализираните активности во нејзиниот мандат што ги потенцираше беа Актот што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат, зголемениот буџет, намалувањето на бројот на старите предмети, полниот капацитет на Уставен суд и зголемената транспаренетност

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

- Реклама -