По осумнаесет години, претседателот Стево Пендаровски, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август, ќе предводи државнo-црковна делегација во посета на манастирот „Св.Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, по тој повод Пендаровски остварил телефонски разговори со српскиот колега Александар Вучиќ и со поглаварот на Српската православна црква, патријархот г. г. Порфириј.
Двајцата претседатели во разговорот се согласиле дека релациите меѓу двете држави бележат одличен развој во повеќе области. Посетата на манастирот „Св. Прохор Пчински“, која се случува по речиси две децении, е позитивен импулс за отворање нови поглавја во меѓусебните релации, стои во соопштението.
Во разговорот со г.г. Порфириј, претседателот Пендаровски се заблагодарил на патријархот за одлуката да биде овозможена посетата на манастирот која следува со прифаќањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од страна на СПЦ.
Во состав на делегацијата што ќе ја предводи претседателот Пендаровски ќе бидат членови на Собранието и на Владата на Република Северна Македонија и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.