Поскапување на голем дел од производите, посебно на домашните, дури и за до 10 денари, забележуваат граѓаните во последниве неколку дена. Освен прехранбените, поскапени се и дезинфекциските средства за лична хигиена.
Граѓаните воглавно се сложуваат дека сѐ е поскапено, но посебно забележуваат покачување на цените на домашните производи во текот на изминатава недела, што, пак, коинцидира токму со делењето на домашните платежни картички „Купувам домашно“ што ги додели Владата за помош на граѓаните, но и намалување на последиците од коронавирусот по домашното стопанство.
Прашан за ова, техничкиот премиер Оливер Спасовски денеска од Волково соопшти дека веќе дал налог инспекциските служби да проверат дали и каде има поскапувања на домашните производи:
„Има некакви реакции од граѓаните. Веќе дадов налог на инспекциските служби да се провери и во малопродажбата и во производството, да видиме за што станува збора – дали за поскапување на репроматеријали врз основа на кои се зголемува и цената на овие производи, или за сосема нешто друго. Ќе видиме што ќе кажат инспекциските органи за оваа појава која не е масовна, но ја има во некои продавници“, рече Спасовски, испраќајќи порака дека ова не е момент кога треба да се профитира:
„Апелирам, како што аплерирав и на почетокот на кризата, со оглед дека кризата сѐ уште не е завршена: Не е момент да правиме профити! Сега е момент да помогнеме на граѓаните сите заедно“.
Притоа, Спасовски им се заблагодари на компаниите кои биле и се општествено одговорни и помогнале дури и со намалување на цените.