Иако кога ќе се спомне Јелоустоун повеќето мислат на националниот парк, веќе би требало да знаете и за Јелоустоун Калдера – супервулканот чија ерупција би била катастрофална за целата планета, а не само за САД.
Сега за сега, веројатноста за таква експлозија е многу мала, ама NASA, за секој случај, има план да со кој ќе се осигура дека супервулканот ќе остане неактивен. А попатно, ќе овозможи и електрична енергија за околните области.
Планот стигна до BBC откако објавија сторија посветена на супервулкани. Тие биле контактирани од неколку членови на NASA, кои сакале да споделат детали за претходно необјавениот план околу Јелоустоун. И самите научници признаваат дека нивната идеја е особено амбициозна, но и ризична, но тврдат дека потенцијалните бенефити од нејзиниот успех прават да не може да биде игнорирана.
Имено, првиот чекор ќе биде да се буши во вулканот од пониската страна, надвор од границите на националниот парк. Бушењето од оваа страна би било многу полесно отколку да се буши од врвот на комората, каде интензивната топлина би предизвикала понатамошни проблеми. Откако бушењето ќе биде комплетирано, ќе се пумпа вода во и надвор од супервулканот, под висок притисок (водата што ќе се испумпува надвор ќе има температура од околу 350 степени Целзиусови). Водата што ќе се пумпа во вулканот, полека ќе ја лади внатрешноста. Водата што ќе се испумпува, пак, ќе биде користена за производство на електрична енергија.
„Од Јелоустоун моментално истекува топлина со еквивалент од околу 6 гигавати“, вели Брајан Вилкокс – истражувач од Jet Propulsion Laboratory (JPL) на NASA. Ако супервулканот биде избушен според планот и се изгради геотермална централа, ќе се произведува електрична енергија по исклучиво конкурентна цена од 0.10 долари по киловат час, додава Вилкокс.
Со оглед на опасностите кои произлегуваат од секое бушење во вулкан, особено во супервулкан, можеби е добро што планот на NASA моментално е главно на хартија. Никој со сигурност не знае дали ќе успее, а проектот е прилично скап – се проценува на 3.46 милијарди долари (под услов ништо да не тргне наопаку и да не ја уништи планетава, нели, инаку „трошокот“ ќе биде троа поголем). Вилкокс, сепак, смета дека е изводливо.
„Ќе мора на геотермалните компании да им се дозволи да бушат нешто подлабоко од обично, за да користат потопла вода од обично, но на крајот сето тоа би се исплатело – би се повратила основната инвестиција, а и би се снабдил регионот со електрична енергија за период од можеби десетици илјади години“, вели тој. Сепак, додава, главниот бенефит ќе биде што со тоа ќе се спречи евентуална идна ерупција на супервулканот која би можела да го уништи човештвото.
Сигурно забележувате, логикава е малку фалична: „Нема ризик од ерупција, ама ние сепак сакаме да го бушиме, демек за да се осигураме, а уствари за ресурси“. И тоа не е најголемиот минус. Штосот е што дури и планот да работи според предвиденото – што значи дека супервулканот ќе се лади со темпо од 1 метар годишно, ќе бидат потребни илјадници години пред Јелоустоун да се претвори во ладен камен (т.е. да биде изгасен), а уште толку за потоа да се потврди дека процесот перманентно го елиминирал ризикот од ерупција.
Сепак, и покрај сето ова, потенцијалната исплатливост е гаранција дека планот ќе продолжи да се разгледува, и дека штом ќе се дојде до етапа во која на хартија изгледа сосема изводлив – веројатно и ќе се спроведе. Како и да е, добро е што со ова се предизвикаат повеќе практични дискусии и дебати околу вакви или слични проекти, во насока на спречување на потенцијални ерупции во иднина.
Во меѓувреме, NASA (во лош обид да нé утеши) нé потсетува дека Јелоустоун е само еден од 20-те супервулкани на планетава, од кои секој еден е способен да нé втурне во вулканска зима.