Во свое, во име на Владата, како и во име на граѓаните, премиерот Зоран Заев денеска ги прими на гости Тамара Тодевска и целокупниот тим заслужен за нејзиниот настап на овогодинешната Евровизија, на која Тамара го оствари досега највисокиот пласман на земјава – седмо место.
Во знак на благодарност за гордоста, афирмацијата и среќата што со извонредниот настап и со „историското прво место“ според стручното жири, на најгледаната манифестација на популарната музика во светот, им ја приредија на граѓаните со песната „Proud“ („Горда“), премиерот на Тамара и тимот им подари плакета, како признание за композицијата која ја направи нашата земја главна тема на евровизиското музичко шоу што го гледаа 200 милиони гледачи, соопштија од Владата.
„Огромно благодарам за Tamara Todevska и целиот тим за гордоста што ни ја приредивте на сите граѓани со огромниот успех што го постигнавте со #Proud на Евровизија 2019 во Израел. Вие станавте херои и силен глас за гордоста со која девојките и жените се борат за остварување на своите права“, напиша Заев на Фејсбук.
Тамара и тимот се заблагодарија на признанието и поддршката, истакнувајќи дека тимот од самиот почеток тргнал сплотено, со убава енергија и со голема верба во успешноста на настапот.
Додека се фотографираше со тимот, премиерот и со плакетата, Тамара не можеше да ја сокрие среќата и во еден момент искоментира: „Цветам“, што дополнително ги озари лицата и на останатите.