Писториус се расплака во судницата

Јужноафриканскиот атлетичар Оскар Писториус официјално е осомничен за убиство со предумисла, а додека во судницата му беше читано обвинението тој се расплакал.

Познатиот спринтер се појави на првото сослушување во судот поради сомнение дека ја застрелал својата девојка со пиштол. Иако медиумите вчера пишуваа дека Оскар ненамерно ја убил својата девојка Рива Стенкамп (30) мислејќи дека е провалник кога сакала да го изненади за Денот на вљубените, денеска постојат наводи дека таа е убиена додека била под туш.

Неговата одбрана побарала да се отстранат сите камери од судницата и забрани во иднина судењата директно да се пренесуваат на телевизија.

Полицијата уште вчера ги отфрли наводите дека станува збор за несреќен случај и соопшти дека и претходно имало инциденти во домот на познатиот параолимпиец.

[youtube]http://youtu.be/XHzHvo98wno[/youtube]

Писториус беше уапсен вчера во раните утрински часови во својот дом,а денеска првпат беше изведен пред судија.

Спортистот во 2009 година помина една ноќ во затвор затоа што наводно нападнал 19 годишна девојка на забава. Тој често во јавноста зборува за неговата страст кон оружјето. Лани изјави дека спиел со пиштол, пушка и палка за крикет поради страв од провалници.

- Реклама -