Ова писмо е напишано од австралиската новинарка Леа Картер до мајка си, откако и таа самата веќе добила ќерка.
„Драга мамо…
Знам дека поминаа цели пет часа откако разговаравме на телефон, но како си? Дали се научи веќе да користиш Facebook? А да користиш интерпункција во текстуални пораки? Колку непознати луѓе ја видоа сликата на моето бебе во последните пет минути? Секогаш бевме најдобри пријателки, јас и ти. Секој ден разговаравме по телефон. Но сега, кога имам ќерка и ти стана баба, постојат неколку важни работи кои би сакала да ти ги кажам. Прво, ти благодарам. Фала што го бришеше мојот задник илјада пати на ден, и што овие чудни бои и остри мириси од моите пелени си ги гледала со нежност, наместо со ужас. Ти благодарам за сите жртви што си ги направила заради мене. Знам дека си одложила многу работи кои ти биле важни, за да бидеш со мене во секој момент кога тоа било потребно. Навистина го ценам тоа. Ти благодарам што ме ставаш на прво место, секогаш и денес. Фала ти што се уште ме браниш. Сега сфаќам дека и самата мисла нешто лошо да ми се случи би била доволна за да те доведе до солзи и да предизвика силни грчеви во стомакот. Фала што безусловно ме сакаш. Фала ти што ми влеваше доверба дека можам да постигнам нешто што замислувам. Ме научи дека нема лесен начин и дека мојата вредност е многу повеќе од тоа како изгледам или што облека носам. Фала ти што си добар пример. Ти си силна, страсна, љубезна и дарежлива жена и јас постојано сакам да бидам како тебе. И ти благодарам што никогаш не ми ставаше смешни панделки за коса, кога бев мала. Пред да се роди ќерка ми купив неколку и сега сфаќам дека навистина изгледаат глупаво. Второ, жалам. Жалам за секој пат кога ти кажав лоши работи. Сега можам да замислам колку е болно. Жалам што не ти поверував, кога ми рече дека возењето во автомобил со младите е лоша идеја. Сега целосно се согласувам со тоа. Жалам што сум те мачела со будењето многу пати во текот на ноќта. Лишувањето од сон е вистинско мачење, нели? Исто така жалам што не сакав да станам од кревет како тинејџер. Жалам што се жалев бидејќи немам брат или сестра. Сега знам зошто не си имала и друго дете. Разбирам дека е тешко да се биде родител, дека не доаѓа секогаш природно дека треба секој ден да работиме. Знам дека некогаш си била исплашена, збунета, под стрес и премногу уморна. Фала ти што мислиш дека јас сум била вредна за сето тоа. И конечно, ти честитам. Честитки за тоа што го работиш најтешкото нешто на светот во последните 27 години. Покажа бескрајно трпение, бескомпромисна посветеност и реална, вистинска љубов. Ти си неверојатна. Ова би требало почесто да ти го зборувам.
Со љубов, Јас “