Писмо од читателка: „Никој не е за во Бардовци“

Не ретко се случува во „сандачето“ со пораки на 365.com.mk да пристигнат текстови или фотографии кои содржат информации вредни за објавување, а ние со задоволство секогаш им помагаме. Но, текстот кој ни го испрати оваа читателка, навистина допре до нас, и вреди секој да го прочита и погледне.

Ова е нешто што сите треба да не заинтригира, бидејќи никогаш не знаеме што ни носи иднината. Затоа, со надеж дека оваа објава ќе допре и до некој од надлежните и влијателните лица кои би можеле да помогнат во што поскоро поправање на моменталната состојба, го објавуваме текстот во целост, заедно со пристигнатите фотографии.

„Се сеќавате на сторијата од 2010 година за пакетот танга гаќи и прслуци, донација од германскиот Црвен Крст за пациентите во психијатриската болница во с. Бардовци? Јас се сеќавам дека ми беше смешно и апсурдно. Зошто некој би донирал парчиња луксузна женска долна облека на душевно болни лица??

Неодамна за првпат ја посетив психијатриската болница во Бардовци, и гледано од оваа перспектива, сторијата за танга гаќите и прслуците и не ми е така смешна. Она што го видов предизвика во мене чувства на тага и гнев. Овие луѓе ги немаат основните услови за лечење и живеат мизерно додека престојуваат во болницата. Она што некогаш било коњушница, денес е место каде на душевно болни лица би требало да им се помогне. Руинирани објекти и простории, распаднати кревети, скинати пижами, валкани тоалети, нечистотија и беда се дел од сликата за болницата. Оваа болница не е убиец на достоинството само за болните, туку и за медицинскиот персонал што работи таму. „Ме пратија тука по казна“ – „се пошегува“ еден од одговорните медицински лица.

Инвестицијата за реконструкција на оваа здравствена установа од пред некоја година изнесувала 2,5 милиони евра. Да, точно, една третина од болницата е обновена, но што се случува со останатите две? Пациентите сè уште живеат во мизеријата и бедата на старите руинирани објекти, а за жал на повеќето од нив ова им е единствената опција. Оние што имаат домови, често знаеле да избегаат. А за тие што немаат каде да одат, болницата е единствениот покрив над глава.

А што е тука чудно!? Судејќи по состојбата на останатите здравствени установи или студентски домови во државава, за овие луѓе заборавени од светот и надвор од фокусот на внимание на одговорните е чудно и како воопшто постои некаква установа. Кога само би можеле да не постојат, државата најсреќна би била!

И тоа е таа психијатриска установа. Една е и таква е каква што е. Таа е за аутистите, таа е за шизофреничарите, таа е за зависниците од алкохол или дрога…

Јас направив неколку фотографии од надворешниот изглед на објектот, односно од екстериерот.  Ги прикачувам во прилог на текстов, со една цел – да ви ја „размрдаат“ малку имагинацијата за тоа каква би можела да биде состојбата однатре.

Сакаш да го примат твојот болен роднина или пријател? – Ќути си. Сакаш да го задржиш твоето работно место (какво и да е) затоа што друго тешко дека ќе најдеш? – Молчи си. И така онемевме…“

10312092_10204032630395374_1550178615_n 10322971_10204032626755283_556555235_n 10331514_10204032632955438_618717459_n 10339046_10204032636395524_983472285_n 10344853_10204032634995489_97914473_n

- Реклама -