Писмо од 83-годишна баба до нејзина пријателка

Се учи додека си жив, ама се учи и од другите. А од кого повеќе ќе научиш ако не од некој што овде поминал 8 и кусур децении?

Во продолжение следува едно писмо што слободно може да биде и учебник – учебник по живот. Можете и слободно да си го закачите на фрижидерот, за да ви биде потсетник – потсетник на важните ствари во нашиов престој овде.

„Драга моја Берта,

Сега повеќе читам, а помалку бришам прашина. Седам во дворот и се восхитувам на погледот на природата, и не ме загрижува тревата која пораснала во градината. Помалку работам, а повеќе се дружам со семејството.

Кога и да е тоа можно, животот треба да биде исполнет со искуства во кои уживаме, а не кои ги трпиме. Се обидувам да ги препознаам таквите моменти и да ги ценам.

Веќе ништо не чувам – ги користам најубавите чинии и кристални чаши во секоја специјална прилика: по еден намален килограм, по успешно отпушување на одводот, по процветувањето на првиот цвет сезонава… Го носам мојот најубав џемпер до продавница. Ако добро изгледам, полесно го поднесувам тоа што сум потрошила 30 долари за мала ќеса намирници.

Веќе не го чувам мојот најубав парфем за годишните забави. Го носам и до пошта, и во банка. ‘Другпат’ и ‘за посебни прилики’ се фрази што го изгубија своето значење во мојот речник. Ако нешто вреди да се види, чуе, или направи, сакам да го видам, чујам и направам сега.

Не знам што би направиле другите кога би знаеле дека утре, кое го земаме здраво за готово, може никогаш да не дојде. Претпоставувам дека би ги повикале членовите на семејството и неколку пријатели. Можеби би им се јавиле на поранешни пријатели и би им се извиниле за некои грешки од минатото. А можеби и би отишле во кинески ресторан или некаде каде ја служат нивната омилена храна. Претпоставувам дека нема никогаш да дознаам.

Сè се тоа мали нешта кои ме лутат, бидејќи знам дека моето време е ограничено. Лута сум што не ги напишав писмата кои планирав да ги напишам. Лута сум и жал ми е што на сопругот и родителите не им кажував доволно често колку навистина ги сакам. Се трудам да не одолговлекувам, да не чувам и да не оставам ништо што ми носи смеа и среќа во животото – за подоцна.

Секое утро кога ќе ги отворам очите, си велам дека тоа е уште еден посебен момент. Секој ден, секоја минута, секој здив е подарок од Бога.

Може животот ни се претворил во песна што не сме сакале да ја слушаме. Но сè додека сме овде, сè уште можеме да танцуваме…“

- Реклама -