Писмо на една мајка до луѓето во целиот свет

Драги луѓе од целиот свет, денес мојот син тргнува на училиште. Некое време ќе му биде ново и непознато. Посакувам да бидете добри и мили кон него. До овој момент тој беше господар на домот, командуваше сè живо во дворот. Јас бев секогаш покрај него, за да се погрижам за неговите рани и да го утешам. Но сега работите ќе се променат. Утрово тој ќе излезе, ќе ми мавне со рачето и ќе започне со својата голема авантура, што најверојатно ќе вклучува војни, трагедии и страдање. За да живее во овој свет, ќе му бидат потребни вера, љубов и храброст. Затоа, луѓе, би сакала да го фатите за рака и да го научите на работите кои треба да ги знае. Научете го, но ако може, нека се случи тоа со грижа и љубов.  Научете го на чудата на книгите. Дајте му доволно време да размислува на мир за вечната мистерија на птиците на небото, пчелите во сончевата светлина и цвеќињата во зелените падини. Научете го дека е многу подостоинствено да изгубиш отколку да измамиш. Научете го да има верба во сопствените идеи, дури и ако сите тврдат дека не е во право. Научете го да ги продава мускулите и умот на највисока цена, но никогаш да не ги продава срцето и душата. Научете го да ги затвора ушите при исвиркања на толпата … но да стои таму и да се бори, ако смета дека е во право. Научете го со нежност, луѓе, но без да го расипете, бидејќи само во огнот се кова чистиот челик. Молбата ми е голема, луѓе, знам, но погледнете што можете да направите. Тој е толку мило момченце.

- Реклама -