Деновиве на Интернет кружи една писмена задача на еден српски гимназијалец, која за кратко стана вистински хит. Се работи за урнебесна драма во која се истражува животот и смртта.
Понудените теми наводно биле „Коштана“ и „Светлоста ја снема, престанав да читам и тага ме обли: пак живеам“. Нашиот херој ја одбрал втората и добил заслужена 5+. Еве зошто:
„Гледам, а очите ми се склопени. Го чувствувам мирисот на свежо лакирано дрво. Помислив – мојот мртовечки сандак е прилично добар за парите кои ги дадов. Да, конечно умрев.
Слушам попот како пее и деца што се дерат: „Лелеее! Стрикооо!“. Одлучив малку да се прошетам, да видам дали баба Боса дошла на погребот. Се зачудив кога сфатив колку лесно се движам. Морам да признаам дека сум задоволен. Погребот е прилично добро испланиран. Миле, гучевачки трубач со својот блех оркестар ја завршија работата. Свињата се вртеше на раженот, додека мојот пијан зет се валкаше во калта. Баба Стана и мојот дедо Милој замислено гледаа во мојот гроб и воздивнуваа.
Почнав да викам: „Што кукаш стара, не сум мртов, пак живеам!“, ама се сетив дека не може да ме чуе. Ги погледнав уште еднаш моите сироти внуци и помислив: „Еее, деца деца, на тој што ве познава ни пеколот нема да му падне тежок“.
Во тој момент почувствував како нешто ме влече нагоре: „Е па дојде време да се разделиме“. Патував, можам да речам, добри пет часа. На вратата на рајот стоеше Св. Петар. „Здраво Петре, дојде време и ние да си помуабетиме“.
Петар темно ме погледна, ама конечно проговори: „Не ти се пишува арно, многу грешеше. Бог те чека“. Признавам, малку се исплашив, бидејќи ова ми е, знаете, првата средба со Бог, а тоа не е мала работа. Молчам јас, молчи тој. И така молчиме едно пола саат и конечно се одважив и реков: „Добаре ден, Боже!“. Пак молчиме, а мене веќе почнаа и нозете да ме издаваат. Знаете, не умира човек секој ден.
Конечно Бог ја поправи краватата, се поднамести на својот облак и рече: „Кажи“. Овој говор прилично долго го подготвував, па решив да му кажам се, од прв до последен збор:
„О боже, владетел на царството небесно, Ти кој одиш по небото, Творец на моето куче Марко, синовите Мирко и Жује, баба Боса и дедо Радован, мојот кум Спасоје и… се извинувам ако некого во својата брзоплетост заборавив да споменам…“
Тука застанав и забележав дека се збуни. Замислете – Бог, така голем, јас така мал, и се збуни пред мене. Меѓутоа, некако ги најде вистинските зборови, па ми рече:
– Дали ти, Омољица, ја прочита Коштана?
– Не – одговорив.
– А дали ти забележа дека светлоста исчезна?
– Не – пак јас збунето.
– Дали те облеа тага, Омољица?
– Не Господе – реков – а зошто?
– Затоа што е тоа, Омољица, темата на оваа писмена задача, и се плашам дека ја промаши.
„Бог е моќен“ – помислив во себе…