Пиратите се криви што Америка не користи метрички систем

Предлогот, скован од неколку умни париски филозофи, звучел брилијатно: универзален систем на мерки, изведен од единици базирани на декадниот систем, идентификувани од заеднички сет префикси. Со тоа требало да заврши ерата на трговци кои купувале стоки во една мерка, па ги продавале во друга, грабајќи притоа големи профити. Со тоа требало и да се поедностават научните пресметки, и да се овозможи слободна размена на идеи ширум светот. Бил тоа напреден систем за едно напредно, просветлено време (ерата на разумот аka. Age of Enlightenment). Останувало само француските научници да ги убедат и другите земји да го присвојат.

Во 1793 година, ботаничарот и аристократ Џозеф Домби (Joseph Dombey) испловил од Париз со себе носејќи два столба на метричкиот систем: шипка долга точно 1 метар, и бакарен цилиндер тежок точно 1 килограм. Патувал преку Атлантикот за да се сретне со тогаш државниот секретар Томас Џеферсон, исто така фан на декадните системи, кој требало да му помогне да го убедат Конгресот да го воведе метричкиот систем. Но…

Француски брод, викаш?

Се случила бура, а бродот на Домби бил исфрлен од својот курс. Завршил некаде кај Карибите и директно во канџите на британските пирати. Пиратите го земале Домби како заложник и ја украле неговата опрема. Научникот умрел во затвор кратко по заробувањето, а предметите биле продадени на купувачи со највисока понуда.

Франција пратила и втор претставник да го промовира метричкиот систем. Но додека тој да пристигне, Америка имала нов државен секретар – Едмунд Рендолф, кому баш и не му било многу гајле за единици мерки. Па така, додека остатокот од светот го вовел и присвоил метричкиот систем, САД си терале со нивните чудни империјални единици.

И ете, два и кусур века подоцна, уште ги трпат последиците. А и ние – кога мораме да конвертираме мерки при користење на американски извори, а и вие – особено кога се обидувате да направите нешто по американски рецепт. Ако Домби стигнел да се сретне со Џеферсон, можеби ќе го убедеа Конгресот и Америка од самиот свој старт ќе користеше нормален систем на мерки. Замислете само колку време ќе заштедевме…

Ајдеее, да знаевме дека вака ќе биде…

Има надеж

Утешното во целата работа е што САД денес се сé поблиску да го пречекорат прагот кон Système International (SI) – Меѓународниот систем на мерни единици кој ние го учиме уште од основно. Елизабет Гентри е една од тие што треба да го помогнат процесот – таа е метрички координатор во американскиот Национален институт за стандарди и технологија. На ова работи веќе 12 години.

Гентри потврдува дека кај нема дилема дека SI е поедноставен и полесен за користење, а уште поважно, вели, е што го користи речиси целиот останат свет. Ова не се само зборови на еден обичен фејкер што е задолжен да агитира одредена агенда во одредени кругови. Не, туку и брзинометарот во нејзиниот личен автомобил прикажува брзина во километри на час. Апликацијата за временска прогноза на телефонот ѝ е наместена во Целзиусови.

Се разбира, Гентри не може сама да ги турне САД преку прагот. Но веќе и американските компании користат метри и грамови во најголем дел од своето производство и меѓународна трговија; Американците купуваат газирани сокови во литри, а не во галони, а и во средните училишта учениците по хемија и физика секојдневно прават пресметки во метрички систем.

PS. Ако ви се чита подетално за заврзламите во САД или другите малери на Домби, читнете во оригиналниот текст на Washington Post.

- Реклама -