Пилоти, деманти и проекти: Се расветлува ли мистеријата зад „ветеното вработување“ на 300 пилоти од Арачиново?

СДСМ најостро ги демантира лагите изнесени во телевизиската емисија „Клик плус“ на ТВ21, во која жители од Арачиново тврдат дека им било ветувано дека 300 од нив ќе бидат вработени како пилоти. Од СДСМ тврдат дека станува збор за класични лажни вести, и тоа изнесени од страна на лице со сомнителен кредибилитет – извесен Шаби Билали.

„Лицето кое го изнесува ова лажно тврдење е син на поранешен кандидат за градоначалник на Арачиново кој во Грција бил уапсен за нeлeгaлeн тpaнcпорт на мигранти, а бил фатен и со нapкотици. Дополнително, за време на кампањата за претседателските избори Билали сакал да отвори изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Арачиново иако таа партија таму нема никаква база, што дава и оправдан сомнеж за политичка заднина на изнесените невистини“, велат од СДСМ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Од партијата додаваат дека зачудува потребата на „ТВ21“ да им дава медиумски простор на личности со сомнителна позадина и сомнителен кредибилитет, кои шират лаги за наводни вработувања на 300 пилоти, иако се знае дека потребата од пилоти во државата е далеку помала, без притоа да побара став од СДСМ. Од владејачката партија апелираат медиумите да ги проверуваат изнесените информации и на тој начин да дадат придонес во борбата против лажните вести.

Во меѓувреме, на Твитер не запираат шегите и теориите околу наводните ветени вработувања на 300 пилоти. Една од нив е дека се работи за недоразбирање и дека на жителите од Арачиново им биле ветени вработувања преку пилот-проекти, а не вработувања како пилоти.

- Реклама -