Петровска за нуклеарните сили на Путин: Ние сме членка на НАТО, не сме директно загрозени и сме дел од колективниот систем за одбрана

Безбедносната состојба е стабилна и досега нема индикации дека постои директна или индиректна закана по безбедноста на земјава, изјави министерката за одбрана – Славјанка Петровска, во гостување на ТВ24.

Задолжение и надлежност на институциите од безбедносно разузнавачкиот сектор е постојано да ја следат состојбата и да информираат за евентуална промена, додаде министерката.

Во гостувањето, Петровска уште еднаш повтори дека се придружуваме на солидарноста на земјите членки на НАТО и на ЕУ за директна и практична помош на Украина. Таа помош, рече, е исклучиво на барање на украинските власти, а Министерството ја поседува.

Петровска информираше и дека до моментов нема одлука за мобилизација на припадници на нашата Армија и нивно испраќање во Украина.

„Таква одлука сѐ уште немаме донесено. Согласно механизмите на НАТО, дополнително доколку биде побарано од нас, ќе пратиме сили. До овој момент таква одлука не е донесена. Јавноста ќе биде информирана доколку донесеме таква одлука“, рече Петровска.

Прочитајте и:  Медиуми во ЕУ: Путин го пречекори опасниот праг

Во однос на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека „наредува да се стават на висока борбена готовност нуклеарните сили“, Петровска рече дека таа изјава се разгледува во рамки на НАТО структурите.

„Таа изјава се зема и се разгледува во рамки на НАТО структурите, но она што треба да се потсетиме е дека ние сме земја членка на НАТО и без разлика на нашите капацитети сме дел од големата Алијанса, така што директно не сме загрозени во тој дел и сме дел од колективниот систем за одбрана. НАТО таквите изјави ги следи и дава насоки за понатамошно постапување, сето тоа што се случува со санкциите и помошта кон Украина е во рамките на таа политика на НАТО Алијансата“, информира Петровска.

Извор: МИА

- Реклама -