Петровска: Со уставните измени се зацврстува македонскиот идентитет и се продолжува патот кон ЕУ

Министерката за одбрана Славјанка Петровска порача дека уставните измени се единствениот начин за продолжување на патот кон Европската Унија и дека така дополнително ќе се зацврсти македонскиот идентитет.

„Уставните измени се единствениот начин како да го продолжиме патот кон европската интеграција на нашата држава. И како што многумина претставници на ЕУ и амбасадори на земји членки на ЕУ кажаа, не постои друг начин. Мислам дека останува на домашните актери на политичката сцена во нашата држава, да ја донесат финалната одлука“, изјави вечерва министерката Петровска во интервју за 24Инфо.

Како што соопшти Министерството за одбрана, според Петровска, со донесувањето на уставните измени се гарантира и се зацврстува македонскиот идентитет.

„Со тој амандман ние велиме дека ги признаваме Бугарите како малцинство во Република Северна Македонија, а македонскиот народ, се разбира со другите, е државотворен народ, а се зацврстуваат и позициите на македонскиот јазик“, рече министерката Петровска.

За обидите за влијанија од трети земји во државава, Петровска порача дека овие обиди се препознаени и тие ја губат својата сила за што, како што рече, се заслужни членовите на безбедносно-разузнавачката заедница кои своите активности успешно ги координираат со сојузниците во НАТО.

Петровска, како што информира Министерството за одбрана, подвлече дека тие трети држави не ѝ мислат добро на земјава, и не престануваат со своите влијанија.

„Тие трети држави, кои не ѝ мислат добро на Република Северна Македонија, не престануваат со своите влијанија. Но, она што е добро, е што како институција и како држава ги препознаваме таквите влијанија кои ги нарекуваме штетни или малициозни. Сега за сега успешно се справуваме со нив, што значи дека институциите одговараат на тие предизвици. Тоа значи дека имаме добра координација во безбедносно-разузнавачката заедница и внатре во државата и се разбира и со нашите партнери и во рамки на НАТО Алијансата. Влијанието, како што реков постои, но добро е што тоа се намалува, пред сè поради активностите што ги преземаме и така ќе продолжиме и во наредниот период“, рече министерката за одбрана..

Прочитајте и:  Германија прави попис на бункери и засолништа во случај на руски напад, ги охрабрува и граѓаните да си направат и свои

Многу е важно, вели таа, оние процеси кои се започнати во државата и кои значат напредок на државата, да продолжат во тој правец.

„Јас сум свесна и јавноста е свесна дека особено Руската Федерација не сака да ја види Република Северна Македонија како земја членка на ЕУ. Меѓутоа, останува на нас, прогресивните сили во државата, тој пат кон ЕУ на нашата држава да го обезбедиме во иднина“, заклучи Петровска.

Во однос на поддршката за Украина во, како што вели министерката, своето право да се одбрани, земјава останува отворена за оваа поддршка да продолжи и во иднина, порача таа.

„Република Северна Македонија е непоколеблива во однос на поддршката и помошта што ѝ ја пружаме на Украина. Неодамна заврши обуката, која првпат откако започна руската агресија, имавме можност да спроведеме таква обука на припадници на украинската армија овде, во Република Северна Македонија. Таа заврши успешно и беше димензионирана согласно побарувањата што беа доставени од украинска страна. Се разбира, и во наредниот период вратата на Република Северна Македонија ќе остане отворена за поддршка на Украина, сè додека е тоа потребно, без разлика дали ќе биде во повторни тренинзи и обука на украински сили или со дополнителна воена поддршка и помош која ја имаме“, категорична е Петровска.

- Реклама -