Петровска поднесува кривични пријави против Чулев

Дополнителната заменик министерка за внатрешни работи, Славјанка Петровска најавува кривични пријави до обвинителството против техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, откако испратил теелграма до организациските единици на МВР, со која известува дека наредбите кои им ги дал неговиот претходник, Оливер Спасовски на дел од вработените престануваат да важат.

– Техничкиот министер Чулев вчера (10.01.2020) потпишал телеграма која е доставена до сите организациски единици во МВР, со која ги известува раководителите на организациските единици дека наредбите донесени согласно член 154 од Законот за внатрешни работи, со кои на работниците им се наредува да извршуваат задачи во други организациони единици престануваат да важат. Веднаш по доставувањето на телеграмата се обратив писмено до техничкиот министер Чулев и му посочив дека телеграмата е донесена без мое запознавање и согласност и му укажав на сериозноста на оваа негова одлука и последиците со кои ќе се соочи МВР во делот на извршувањето на својата основна функција.

Со престанокот на важењето на писмените наредби се создава недостаток на човечки ресурси во делот на обезбедувањето на личности и објекти и со тоа директно се загрозува безбедноста на лицата и објектите кои МВР има обврска да ги обезбедува, како на пример амбасадите на Чешка, Босна и Херцеговина, Бугарија, резиденцијата на амбасадорот на ЕУ… Отежнато е постапувањето и по плановите за зајакнати мерки за обезбедување на амбасадите на Албанија и Турција. Директно загрозено е и обезбедувањето на делови од државната граница, граничните премини, особено делот на северната граница поради недостатокот на полициски службеници кој настана со одлуката на Чулев.

Полициската станица за граничен премин Долно Блаце поседува 11 контролни пунктови за пасошка контрола, кои мора да бидат пополнети со цел нормално функционирање, а Граничниот премин Јажинце ќе престане да функционира. Со ваквото неодговорно и незаконско работење Чулев ја доведува во опасност безбедноста на границата, на највисоките државни претставници,како и на амбасадите во нашата држава односно ја загрозува целокупната безбедносна состојба во државата, со што прави кривично дело, но и создава услови за извршување на кривични дела од други лица, кои ќе го загрозат територијалниот интегритет на државата, пишува Петровска.

- Реклама -