Петровска монструозно ме обвини дека сум охрабрувал убиства, рече Мицкоски и ѝ најави тужба

Мицкоски оцени дека не е првпат, а се сомнева дека е и последен, како Славјанка Петровска му нанела удар нему, а со тоа и на неговото семејство на, како што рече, ваков подмолен начин со многу лаги, измислици и конструкции

Премиерот Христијан Мицкоски попладнево на прес-конференција во Владата најави дека ќе поднесе тужба против ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска, по нејзината изјава оти тој ги одобрувал криминалните престрелки што се случуваат во главниот град.

Славјанка Петровска, ексминистерка за одбрана и актуелна пратеничка од СДСМ

Мицкоски оцени дека не е првпат, а се сомнева дека е и последен, како Петровска му нанела удар нему, а со тоа и на неговото семејство на, како што рече, ваков подмолен начин со многу лаги, измислици и конструкции.

„Таа, за жал, мене монструозно ме обвини, но јас тоа го оставам на нејзинината чест и совест, не би сакал да навлегувам во длабочината на нејзината мисла додека го креирала и го објавила ова. Се консултирав со мојот правен тим и ќе покренам тужба затоа што би сакал органите, судот докрај да го расветлат ова, да видат со какви докази располага госпоѓицата Петровска дека јас сум нарачувал или охрабрувал убиства. Во текот на деновиве ќе поднесам тужба, па да ги видиме тие докази со кои располага госпоѓицата Петровска“,

изјави Мицкоски на денешната прес-конференција.

Обвинувањето на Петровска го оцени за обид за печалење политички поени поради кој, како што додаде, не би сакал неговото семејство да се најде во непријатна ситуација.

По убиството кое претпладнево се случи кај Трговскиот центар „Мавровка“, пратеничката Славјанка Петровска преку објава на Фејсбук го обвини премиерот оти подджува криминални престрелки. Во прилог на објавата Петровска објави и фотографија на која вели дека Мицкоски се смешка со познат лик од скопското подземје.

- Реклама -