Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска до пратеникот Драган Ковачки упати барање за извинување за лагите што ги изнесува за наводниот секс-скандал и наводното прикривање од страна на министерката, соопштија од Министерството за одбрана.
Доколку Ковачки во рок од 48 часа од приемот на Барањето не се извини, ќе му биде поднесена тужба за клевета, се вели во соопштението.
Ковачки, денеска на прес-конференција, обвини дека „иако Петровска признала, Пендаровски 1 месец молчи за секс скандалот во АРМ и јасно е дека станува збор за договор“.
„На 17 октомври јавно објавивме за секс скандалот кој ја тресе АРМ во кој се замешани највисоки воени раководители. Немаше никаква реакција на министерот за одбрана и на претседателот на Република Македонија.
На седница на пратенички прашања, министерот за одбрана јавно пред Ковачевски и пред пратениците потврди дека знаела за овој случај и дека дала исказ во военото разузнавање.
Претседателот Пендаровски, како и секогаш досега, кажа дека не бил информиран и побара информациите кои ги имаме да ги доставиме до надлежните институции. Бидејќи тој е надлежна институција, ЈАВНО се понудив да лично дојдам кај институцијата Претседател на државата.
Досега помина повеќе од месец дена, а од претседателот нема никаков интерес за расчистување на случајот за кој министерката повторувам јавно од говорница кажа дека знаела, а подоцна во тек на ден даде спротивна изјава за едно ТВ интервју, дека не била известена.
Значи знаела, но не била известена.
Со втората изјава која министерката за одбрана ја даде дека не била известена, јаснo е дека нема никакви мерки и не се преземени досега, оставено е простор и време случаите да бидат повторувани во недоглед.
Бидејќи досега нема никаква реакција од Пендаровски за случај за кој во западните армии се носат најстроги санкции, јасно е станува збор за одреден договор – пазар или уцена кон него.
Јасно е и дека Пендаровски НЕ САКА да знае и дека е целосно незаинтересиран за грозоморните појави во Армијата.
Пендаровски бега од преземање на мерки кон лицата за кои е директно надлежен и нанесува срам на угледот на АРМ која за разлика од него, се’ уште ужива голема доверба кај граѓаните.
Ваквиот однос уште еднаш докажува дека највисоките државни позиции ги извршуваат неспособни, уценети и луѓе кои со својот однос ѝ штетат на Армијата и на Република Македонија“, обвинува Ковачки.