Наскоро ќе стигнат првите македонски мултинамески дронови, изработени во наменската фабрика АТС АММО и Министерството за одбрана работи на набавка на дронови во поголем обем за повеќенаменска употреба, изјави денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска која заедно со премиерот Димитар Ковачевски и со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја посети оваа фабрика во Македонски Брод.
-Дроновите ги најавивме денеска како можност која наскоро ќе започне во еден од капацитетите кои сега се во фаза на подготовка да се произведуваат во фабриката АТС ЕММО. Дроновите ќе бидат мултинаменски. Ќе имаат способност да бидат испраќани и во извидничко разузнавачки мисии, ќе бидат оспособени и за борбени дејствија, но и за употреба во цивилни цели, изјави Петровска.
Во земјава веќе 40 компании ги исполнуваат НАТО-стандардите, а компанијата АТС АММО во Самоков четврта година работи, произведува малокалибарска муниција и соработува со 56 земји. Има преку 300 вработени и работи според НАТО-стандардите.
-Компанијата АТС АММО е веќе регистирана на НАТО-пазарот и учествува на пазар вреден повеќе од 5 милијарди евра. Она што ме радува дека и останатите компании во Северна Македонија кои се занимаваат и со други дејности го зголемуваат интересот за регистрација на НАТО-пазарот. Ако во 2021 година беа само осум компании, веќе во октомври 2023 година е за 18 повеќе за една година, или вкупно се во моментов околу 40 компании кои го добиле тој НАТО – код и може да учетвуваат на НАТО-пазарот. особено што е важно за оваа компанија е дека Министерството за одбрана и Армијата имаат исклучително позитивна соработка, користејќи ги, се разбира, производите кои оваа компанија ги произведува и во наредниот период ќе соработуваме во развојот и во почетокот на производството на првиот македонски дрон. Во моментов, оваа компанија произведува 120 милиони парчиња муниција, а следната година ќе го зголеми производството и ќе достигне 250 милиони парчиња муниција со што ќе биде една од најголемите, ако не и најголема компанија од ваков калибар во Југоисточна Европа. Вреди секоја поддршка која и Министерството за одбрана и Владата, преку начините на поддршка, им ја дава и на оваа компанија, но и на другите компании од воената индустрија. Во наредниот период, преку некои активности кои ги договоривме, ќе најдеме начин како таа поддршка да биде уште поголема за да може да го гарантираме нивното производство и да им помогнеме понатаму во она што го прават, објаснува Петровска.
Петровска нагласи дека во моментов се регулира правната процедура за донацијата на земјава од 40 камиони и 36 теренски возила.
-Тенковите ги исфрливме од употреба и се концентрираме на модерни возила. Дел дадовме, знаете како донација на Украина минатата година. Една од причините е зашто согласно со плановите за трансформација и модернизација на македонската Армија, тие веќе не се во употреба зашто во согласност со стандардите и со исполнувањето на НАТО-целите за способноста на македонската армија, се работи за технологија која веќе е застарена и работиме да ја замениме со соодветни возила кои ќе пристигнат, изјави Петровска.