Петровска: АНБ не спречила исламски свештеник, сомнителен за регрутирање борци, да држи проповед во театар во Тетово

Поранешната министерка во емисијата упати повеќе критики за работењето на АНБ, но и за, како што рече, односот на власта кон безбедносно-разузнавачките служби. Дел од примерите што, според неа, покажуваат несериозен пристап, се случајот со сертификатот за англиски јазик на новиот директор на АНБ Бојан Христовски и подготвувањето на реформите што треба да донесат спојување на разузнавачките агенции

Како е можно исламски свештеник на кого во 2023 година му бил забранет влез во Република Северна Македонија, минатиот петок да држи проповед во театар во Тетово?

Ова прашање вечерва го постави поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска, сегашна пратеничка од опозициската СДСМ, во гостувањето на емисијата „Вин-Вин“ на телевизијата Телма.

Таа додаде дека за првпат јавно го поставува ова прашање и очекува одговор, макар и писмен, од Агенцијата за национална безбедност (АНБ), како агенција што, според неа, е надлежна да постапува во вакви случаи.

Во емисијата Петровска рече дека на тоа лице, кое што не го именуваше и не откри никаков детал за неговиот идентитет, во април 2023 година било спречено да влезе во земјава затоа што имало сомневања дека е дел од група што регрутира млади припадници на муслиманската заедница за бојните полиња во Сирија и во Ирак.

„Тој, кој што само една година претходно бил спречен да влезе, зашто АНБ му ја осуетила намеарата, минатиот петок во театар, во државна установа држеше проповед пред поприлично голема група, меѓу која имаше и мали деца. Ова не е работа за социјалните мрежи. Ова е работа на АНБ. Дали тие знаат што правел? Дали ја тргнале опасноста“,

праша Петровска.

Поранешната министерка во емисијата упати повеќе критики за работењето на АНБ, но и за, како што рече, односот на власта кон безбедносно-разузнавачките служби.

Дел од примерите што, според неа, покажуваат несериозен пристап, се случајот со сертификатот за англиски јазик на новиот директор на АНБ Бојан Христовски и подготвувањето на реформите што треба да донесат спојување на разузнавачките агенции.

„Темата за Бојан Христовски не е заборавена и јавноста не треба да ја заборави, бидејќи интегритетот на првиот човек на која било од разузнавачките служби – Агенцијата за разузнавање, Агенцијата за национална безбедност, па дури и Военото разознавање, е многу важен. Ако тие имаат скриена позадина, може да станат лесен таргет на разузнавачки служби кои не се пријателски на оваа држава“,

рече Петровска.

Според Петровска, проблематична е и тајноста во која се подготвуваат реформите во безбедносниот систем со кои треба да се спојат АНБ и Агенцијата за разузнавање.

Како што вели, скандалозна е изјавата од Владата дека не може да го дадат предлог-законот на увид, зашто бил државна тајна.

Петровска смета дека може да се класифицираат подзаконските акти што би произлегле од тој закон, но не и самиот предлог-закон.

Таа побара да се објави и која работна група ги подготвува промените, бидејќи, како што рече, има информации дека таму има луѓе што во минатото биле дел од безбедносните институции во време кога се вршеле злоупотреби со нив.

Беше споменато името на Гордана Јанкулоска, министерката за внатрешни работи во поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, но Петровска рече дека не била само таа, туку повеќе луѓе биле во прашање, па, за да се расчистат шпекулациите, треба да се објават членовите.

„Неискрениот пристап кон јавноста ни дава за право да веруваме дека ова спојување што сакаат да го направат не се прави од никакви прагматични причини, туку едноставно за полесна контрола на двете служби. Јас мислам дека тоа може да донесе штета“,

рече Петровска.

Две ситуации, според Петровска, го покажале односот на власта кон овие служби. И двете се случиле во Собранието – првата на отворањето на т.н. глува соба (просторија со дополнителна звучна заштита за водење доверливи разговори) и седницата за надзор над АНБ.

Во двата случаја, како што рече, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го опколиле директорот на АНБ Бојан Христовски и ги спречиле новинарите да му се доближат и да му постават прашања.

„Односот на власта во овие случаи покажува дека темата за безбедноста и за разузнавачката заедница треба да ја вратиме назад, да биде под превезот на тајноста“,

рече Петровска.

Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика многубројни прашања и реакции во јавноста.

Министерството за внатрешни работи (МВР) отвори постапка за ТОЕФЛ-сертификатот на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, по сомнежите во јавноста за валидноста на документот доказ за познавање на англиски јазик за кој Христовски тврди дека го стекнал во училиштето „Јулија КО“ во Пловдив, Бугарија.

Во врска со сертификатот на директорот на АНБ екипата на „360 степени“ беше во Пловдив со цел да го најдеме центарот за ТОЕФЛ-сертификати, а преку интернет, ја проверивме документацијата на „Јулија КО“ во бугарскиот трговски регистар.

Во Пловдив јазично училиште „Јулија КО“ не најдовме. Не ги најдовме ниту газдите. На адресите каде што им се регистрирани фирмите имаше други бизниси, од каде што ни кажаа дека сопствениците на „Јулија КО“ се отселени во Грција. Некои ни кажаа дека се преселиле пред неколку месеци, но други – дека си заминале пред пет-шест години. Во едно од училиштата за странски јазици во градот ни кажаа дека првпат слушаат за училиште „Јулија“. Во Пловдив, велеа, ТОЕФЛ се полагало само во фирмата „Класик“.

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека директорот на Агенцијата за национална безбедност ги исполнува условите согласно законот. Во изјава за медиумите дадена на 27 октомври премиерот ја повика Антикорупциската комисија во најбрз рок да се произнесе по овој случај по обвинувањата од опозицијата дека Христовски не ги исполнува условите да биде директор на АНБ.

Две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор од по четири години на почетокот на октомври бидејќи кога конкурирале за позицијата, како доказ за познавање на англиски јазик, приложиле ТОЕФЛ-сертификат издаден од компанијата „Јулија ЦО ЛТД“ од Пловдив, Бугарија. Тоа е истото правно лице од каде што потекнува и ТОЕФЛ-сертификатот на неодамна избраниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски.

- Реклама -