Поранешниот директор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) – генерал Дејвид Петреус, го предупреди Евгениј Пригожин „да биде многу внимателен пред отворени прозорци“.
Генерал Петреус во изјавата за Си-ен-ен алудира на одреден број Руси кои загинаа под неразјаснети околности, вклучително и откако паднале од прозорците, откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година.
Како дел од договорот, а со цел е да се запре напредувањето на милитантите на „Вагнер“ кон Москва, Пригожин се согласи да замине во егзил во Белорусија, чиј лидер е верен сојузник на рускиот претседател Владимир Путин.
„Пригожин си го спаси животот, но ја загуби својата група ‘Вагнер’. И тој мора да биде многу внимателен околу отворените прозорци во неговото ново живеалиште во Белорусија, каде што оди“, истакна Петреус.
Меѓу загинатите под неразјаснети околности е и претседателот на Управниот одбор на најголемата руска приватна нафтена компанија, кој ја критикуваше руската воена операција во Украина. Тој падна од болничкиот прозорец во септември минатата година.
Сè уште нема информации дали лидерот на „Вагнер“ пристигнал во Белорусија. Многу други прашања засега остануваат неодговорени, меѓу кои и дали на Пригожин ќе му се придружат некои негови војници и каква улога би имал во Белорусија.
МИА