Бугарскиот премиер Кирил Петков порача дека заедно со македонскиот колега Димитар Ковачевски нема да дозволат да бидат спречени во зближувањето на двете земји кон заеднички успеси и иднина. Реакцијата на Петков следува откако на неговиот профил беше објавена фотографија од средбата со државниот секретар на САД – Ентони Блинкен, на која од Ковачевски остана само рамото.
Замислете си граѓаните на Република Бугарија и на Република Северна Македонија да се радуваат на заемна почит, почитување на правата и просперитет. Двете држави активно да промовираат развој на здружени компании кои ќе создаваат огромна додадена вредност заедно, да имаат растечки економии, да имаат заеднички детски кампови, да имаат заеднички концерти, да имаат заеднички образовни програми, да нема граница меѓу нашите две земји, да нема дискриминација, да нема говор на омраза, да градиме магистрали, да имаме модерни железнички линии. За многумина овие зборови звучат како мечта, а други прават секакви провокации за тоа да не се случи, трети просто не сакаат стабилност на Балканот. Јас и Димитар веруваме дека тоа е можно и нема да подлегнеме на провокации, туку ќе работиме посветено и заедно за да го постигнеме. А на сите злонамерни страни просто можам да им порачам: нема да нѐ сопрете!“, напиша Петков.