Петков: Бугарија и Северна Македонија заеднички ќе ја чествуваат 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Софија, 28 јануари 2022 (МИА) – На 4 февруари Бугарија и Северна Македонија подготвуваат заедничко чествување на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање, најави бугарскиот премиер Кирил Петков во Народното собрание, јави дописникот на МИА од Софија.

Петков додаде дека премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски една седмица е премиер и од овие осум дена, четири дена поминал со бугарската Влада и изразил желба да дека сака да има резултати со прашањето со Бугарија.

Петков денеска на барање на партијата ГЕРБ одговара на прашања за средбите со премиерот Ковачевски.

Петков рече дека македонските министри кои престојувале во Бугарија биле во голем број и постигнале голем напредок во повеќето теми од разговорите со нивните бугарски колеги.

На заедничката средба беа потпишани три меморандуми, во многу клучни области, меѓу кои и Коридорот 8, којшто според бугарскиот премиер Кирил Петков е тргнат од листата на европски проекти и доколку двете земји сакаат повторно да го воведат на агендата на ЕУ, тоа ќе се случи со заедничка работа, рече Петков.

Тој рече дека додека траеле разговорите за економијата и инфраструктурата, двете страни разговарале и за теми кои се важни за Бугарија – правата на Бугарите во Република Северна Македонија и рамковната позиција.

Кирил Петков во Народното собрание на Бугарија рече дека Ковачевски изјавил дека не гледа проблем со вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, без каже временски рокови. Тој појасни дека веќе не зборуваме за пет плус едно, туку за четири плус едно барање, и дека тоа само по себе е напредок.

„На секои седум дена се организира датум за состаноци“, рече Кирил Петков и додаде оти се радува дека дури и заедничката историска комисија ќе има три состаноци во наредните месеци.

Петков најави дека Бугарија нема намера да смени ниту еден член од бугарскиот дел на историската комисија. Тој исто така рече дека смета оти бугарската Влада направила добра работа во тие две недели.

- Реклама -