Петков: Бугарија нема да подлегне на рекетот на Русија и плаќањето на гас во рубљи

Бугарската влада е подготвена за сценарио за прекин на испораката на рускиот природен гас, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков денеска, на почетокот на владина седница.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Петков истакнал дека Бугарија „нема да подлегне на рекет и на уцените“ да го плаќа природниот гас во руски рубљи. Истовремено, Бугарија нема да го намали снабдувањето со природен гас за потрошувачите во земјата, додал премиерот, посочувајќи дека бугарското Министерство за енергетика има јасен акциски план.

Петков, инаку, го оцени прекинот на испораката на гас за Бугарија од страна на „Газпром“ како кршење на сегашниот договор. Тој посочи дека, поради ова, Бугарија во овие моменти ги преиспитува сите договори со „Газпром“, вклучително и договорот за транзит низ Бугарија, бидејќи, како што рече, „еднострано дејство на изнуда е неприфатливо“.

Прочитајте и:  Лавров: Зеленски се исплаши од одговорот на Русија

Петков денеска имал и телефонски разговор со грчкиот колега Кирјакос Мицотакис, од кого добил уверување дека физичката изградба на интерконекторот со Грција ќе заврши во јуни. Петков, сепак, се надева дека постои можност испораки на гас од Грција кон Бугарија да се прават и порано од тоа.

Извор: МИА

- Реклама -