Пет водечки агенции при ОН повикуваат на хуманитарен прекин на огнот во Газа

Пет водечки агенции на Обединетите нации повикуваа на хуманитарен прекин на огнот во Газа, предупредувајќи дека бројот на загинати наскоро би можел да „се вивне до облаци“ поради појава на болести.

„Со толку многу цивилна инфраструктура во Газа оштетена или уништена за речиси две недели постојано бомбардирање, вклучувајќи засолништа, здравствени установи, водоснабдување, санитарни и електрични системи, времето истекува…“, предупредија агенциите на ОН.

Светската програма за храна, Светската здравствена организација, Програмата за развој при Обединетите нации, Фондот на ОН за население и УНИЦЕФ во заедничка изјава повикаа на прекин на огнот и неограничен хуманитарен пристап низ Газа откако 20 камиони со помош стигнаа до енклавата преку преминот Рафа.

Прочитајте и:  САД ја отфрлаат одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Нетанјаху и Галант

„Повикуваме на хуманитарен прекин на огнот, заедно со итен, неограничен хуманитарен пристап до цела Газа за да им се овозможи на хуманитарните групи да спасат животи и да спречат понатамошно човечко страдање“, се наведува во заедничката изјава.

„Протоците на хуманитарна помош мора да бидат соодветни и одржливи и да им овозможат на сите жители на Газа да го зачуваат своето достоинство“, наведуваат агенциите на ОН во заедничката изјава.

МИА

- Реклама -