Пет позитивни страни од врската на далечина

Поради престојното образование или работа, многу парови се принудени да се разделат, меѓутоа прават сè со цел да ја сочуваат љубовта. Така тие се одлучуваат  и покрај разликите во километри да останат заедно, или барем да се обидат.

Емотивна поврзаност

Општеството и медиумите денес сакаат да покажат дека во модерното време во кое егзистираме, сексот е лепакот кој ја спојува врската и ретко која може да успее доколку сексуалниот живот е непостоечки, редок или е со незавиден квалитет.

Успешните врски на далечина обично го докажуваат спротивното. Можеби не изобилуваат со квантитативен секс поради физичката раздвоеност, но токму тоа им овозможува на партнерите да го подобрат квалитетот на емотивната поврзаност.

Неверојатно е колку обичните и навидум бесмислени разговори во виртуелниот свет може да ги приближат партнерите еден кон друг. Длабоката емотивна конекција која ќе ја воспоставите е бесценета.

Драгоцени заеднички мигови

Партнерите кои се гледаат често „се земаат здраво за готово“. Малите гестови кои едниот ги прави за другиот понекогаш поминуваат незабележано, затоа што делуваат вообичаено, што е секако вистинска штета.

Оние кои одржуваат врска на далечина умеат да ги ценат заедничките мигови многу повеќе, веројатно затоа што се поретки. Кога конечно ќе се сретнат по подолг временски период, вниманието кое си го посветуваат е многу поголемо.

Доверба

Доколку навистина успеете во предизвикот наречен врска на далечина, тоа е без сомнеж едно драгоцено животно искуство полно со лекции. Реалноста е дека не секој може да помине низ вакви љубовни тортури, без да попушти под притисокот.

Партнерите кои градат успешна врска додека се оддалечени со километри успеваат да образуваат цврст љубовен сојуз базиран на меѓусебна доверба, која е незаменливо делче од љубовната сложувалка. Без доверба, врските на далечина се осудени на пропаст.

34

Тест

Денешната технологија е напредна, па благодарение на електронската пошта, Skype и веб камерите, комуникацијата е прилично олеснета од времето кога со недели се чекале да пристигнат љубовните писма. Сепак, бакнежот преку Skype не може да го замени допирот и физичката близина, а онлајн комуникацијата не ви дава можност да го прегрнете партнерот во кое било време или да се исплачете на неговото рамо.

Врската на далечина ја става љубовта на тест и може да излезете со висока оценка доколку успешно ги поминете сите пречки. Избришете ги љубомората и недовербата од вашиот љубовен речник. Научете како рационално да им пристапувате на проблемите и смирено да ги решавате со партнерот. Не заборавајте дека се потребни многу волја и трпеливост за врската да успее.

Индивидуалност

Многу парови милуваат да кажат дека „израснале заедно“. Близината помеѓу партнерите, емотивна и географска, си го чини своето. Едноставно се зближувате со партнерот повеќе од вообичаено и неретко се синхронизирате во размислувањата, вкусовите и идеите. Понекогаш дури изгледа дека едниот го дефинира другиот и обратно.

Врската на далечина го одзема факторот живеалишта во непосредна близина и овозможува повеќе време за себе и доволно простор за индивидуален развој. Се смета дека партнерите кои одржуваат врска на далечина се многу посамостојни и понезависни еден од друг.

- Реклама -