Прекрасното село Полихроно се наоѓа на полуостровот Касандра, на само 100 километри оддалеченост од Солун. Песочната плажа на овој предел од првиот крак на Халкидики се протега на импресивни 7 километри, а таму се нудат бројни можности за забава на вода.
Покрај импресивните туристички капацитети, Полихроно се одликува со огромна историска важност. На ридот над селото може да се видат остатоците од древната тврдина, античките гробишта, како и рано христијанската црква со исклучителни мермерни столбови. Во селото се наоаѓа и етно музеј во кој се изложени експонати кои датираат уште од првите жители на ова место.
На прекрасната плажа, покрај можноста за релаксација, ќе најдете и богата понуда на рекреативни активности, како што се џет-ски, скијање на вода, педалинки, кајак-кану итн. Веднаш зад пешачката патека која се протега зад песочната плажа, ќе најдете бројни престижни ресторани со одлична услуга, барови и дискотеки. Во самото село ќе можете да се восхитувате на старите камени куќи, неколкуте стари цркви и стариот бунар.
Љубителите на природата секако би требало да се упатат кон планините, бидејќи на само 3 километри се наоѓа единственото езеро на полуостровот Касандра, наречено Мавробара, каде што живеат два вида слатководни желки кои се ендемски видови. За оние што се поавантуристички расположени, постои и понуда на сафари со џипови, по планинските предели на Касандра, со почетокот и крај во Полихроно.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk