Песната на самоубијците

idk_1[1]

Насловот на песната е „Мрачна недела“, а ја нарекуваат „Песна на самоубијците“. Се работи за позната балада која ја напиша унгарскиот пијанист и композитор Режо Шереш во 1933 година. Многумина тврдат дека на овие ноти еден куп луѓе си ги окончале животите.

Изворниот текст носеше наслов „Светот завршува“; говореше за очајот што произлезе од војната, а завршуваше со мирна молитва за човечките гревови. Подоцна пејачот Ласло Јавор напиша нов текст врз истата мелодија на Шереш, со што го потисна овој стариот и започна една од најморничавите приказни во историјата на музиката.

Во текстот на Јавор главниот јунак е скршен од смртта на својата љубена без која нема сила да живее и одлучува да изврши самоубиство. Песната за прв пат е објавена во Унгарија во 1935 година, а од првиот момент предизвика огромни контроверзи. Набрзо се роди и мрачната урбана легенда дека наводно стотина лица во Унгарија извршиле самоубиство кога прв пат ја слушнале композицијата.

Но несекојдневната мелодија и неспорниот квалитет ја пробија мрачната репутација, па песната набрзо се прошири низ целиот свет. Веќе до 1936 година, песната е преведена и објавена на англиски, а со неа и приказните за самоубиствата поврзани со унгарската верзија.

Во 1941 година, славната Били Холидеј сними своја верзија од истата, но нејзиниот текст значително се разликуваше од оригиналот. Холидеј ги избегна лошите гласини и суицидните пораки кои песната ги испраќаше, па нејзината верзија имаше далеку пооптимистичен тон. И покрај тоа, Би-Би-Си го забрани емитувањето и на оваа верзија, пред сé бидејќи во тек беше Втората светска војна, а Велика Британија не сакаше да го дотепа моралот на својот народ.

Денес, во време на разумот, веројатно ќе беше отфрлена сета таа морничава конотација околу бројните самоубиства, ама за спротивното се погрижи самиот композитор Режо Шереш. Во јануари 1968 година, точно 35 години откако ја напиша песната, тој изврши самоубиство, и тоа „на два пати“. Проба да си го оконча животот скокајќи од прозор, ама преживеа и заврши во болница. Сепак, не се откажа, па лежејќи на болничкиот кревет се самозадави со жица.

Во меѓувреме, свој препев направи и познатата грчка уметница – Диаманда Галас. Нејзината е веројатно најморничавата и најмрачната изведба на „Песната на самоубијците“.

- Реклама -