Европската радиодифузна унија (ЕБУ) размислува дали да ја дисквалификува израелската песна „Октомвриски дожд“ за Песна на Евровизија бидејќи содржи политичка порака, јавија денеска израелските медиуми, повикувајќи се на европски извори.
Песната испеана од пејачката Еден Голан требаше да се емитува минатата недела, но емитувањето беше одложено за уште неколку дена.
Израелските медиуми наведуваат дека причината за одложувањето е барањето на ЕБУ однапред да го прегледа и одобри текстот на песната, за да се осигура дека таа не содржи политички пораки.
Извори на кои се повикува израелскиот информативен сајт Ynet наведуваат дека барањето не е невообичаено за Израел и оти одредбата за забрана на политички пораки е дел од прописите на Евровизија веќе неколку години.
Откако ЕБУ ја сигнализираше својата намера да ја дисквалификува песната, израелската радиодифузна корпорација одлучи да не ги менува зборовите, дури и ако тоа значи дека Израел нема да учествува на Изборот за песна на Евровизија оваа година.
Израелската корпорација по објавувањето на веста соопшти дека моментално „разговара со ЕБУ за песната“.
ЕБУ засега не коментира ништо.
Израелските медиуми јавуваат дека песната алудира на нападите на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, кога беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а повеќе од 250 заложници беа одведени во Појасот Газа.
Оттогаш, повеќе од 29.000 луѓе, главно жени и деца, загинаа во израелските напади врз Газа.
Некои активисти повикаа на Израел да му се забрани учеството на натпреварот поради војната во Газа, но ЕБУ смета дека на земјата треба да и се дозволи да учествува.