„Обидите на Русија да учествува во истрагата на саботажата на Северен тек наидоа на ѕид од немање волја да се стигне до срцето на вистината, која би изненадила многумина во Германија, Шведска и Данска“, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Според него, Русија интензивно работи преку дипломатски канали со Германија, Шведска и Данска, но засега наидува на ѕид од одбивање на соработка и, како што тврди тој, немање волја заедно да се стигне до вистината, која несомнено, како што рече, би изненадила многумина во овие земји ако се утврди и биде објавена.
„Што се однесува до можните виновници, нашите загрижености и прелиминарни сомнежи се добро познати. Не можеме да дојдеме до нови податоци во моментов бидејќи сме лишени од можноста да учествуваме во истрагата на овој акт на саботажа. Ниту Германците споделуваат информации со нас, ниту Швеѓаните, ниту Данците“, рече Песков за новинарите, пренесува руската агенција ТАСС.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин обвини дека одговорноста лежи кај Западот, кој, според него, „всушност почнал да ја уништува пан-европската енергетска инфраструктура“.