Москва ги поддржува напорите на Србија да ги заштити Србите во северно Косово, но ги отфрла обвинувањата на Приштина дека токму Русија поттикнува тензии со цел да предизвика хаос на Балканот, соопшти денеска Кремљ.
Коментирајќи го тврдењето на косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља дека Србија, под влијание на Русија, сака да го дестабилизира Косово, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „не е во ред да се бара деструктивно руско влијание“.
„Србија е суверена држава и апсолутно е погрешно овде да се бара деструктивното влијание на Русија. Србија е суверена држава и природно е да се заштитат правата на Србите кои живеат во близина во такви тешки услови, исто како што е природно да се реагира жестоко кога тие права се прекршени“, рече Песков, веројатно алудирајќи и на „жестоката реакција“ на Русија во Украина за, како што тврди Москва меѓу другото, да ги заштити Русите таму.
Русија, со оглед на „многу блиските сојузнички, историски и духовни односи со Србија“, многу внимателно следи што се случува и како се почитуваат и обезбедуваат правата на Србите, и, се разбира, го поддржува Белград во чекорите кои ги презема, додаде Песков.
Извор: МИА