Пештера откриена на Месечината би можела да биде дом на луѓето


Научниците првпат открија пештера на Месечината, длабока е најмалку 100 метри и може да биде идеално место за изградба на постојана база, според истражувањето објавено во научното списание Nature Astronomy.

Според истражувачите, тоа е само една од веројатно стотината пештери скриени во „подземниот, неоткриен свет“.

Повеќе држави брзаат да воспостават постојано човечко присуство на Месечината, но ќе треба да ги заштитат астронаутите од радијација, екстремни температури и временски услови во вселената.

Првата британска астронаутка кој патувала во вселената, Хелен Шарман, изјави за BBC дека новооткриената пештера изгледа како добро место за база и дека луѓето потенцијално би можеле да живеат во јамите на Месечината за 20-30 години. Вели и дека пештерата е толку длабока што астронаутите можеби ќе треба да се спуштат надолу и да користат „млазни ранци (џет-пак) или лифт“ за да излезат.

Лоренцо Брузоне и Леонардо Карер од Универзитетот во Тренто во Италија ја пронашле пештерата користејќи радар за да го пробијат отворот на јамата на карпеста рамнина наречена Mare Tranquillitatis.

Тоа е видливо со голо око од Земјата, а исто така е местото каде американската мисија „Apollo 11“ слетала во 1969 година. Пештерата има отвор на површината на Месечината, што води до вертикални и надвиснати ѕидови, и накосен под што може да се протега подлабоко под земја.

Пештерата е формирана пред милиони или милијарди години кога лавата течела низ Месечината, создавајќи тунел низ карпата. Најблискиот еквивалент на Земјата би биле вулканските пештери во Ланзароте, во Шпанија, објаснува професорот Карер, додавајќи дека истражувачите ги посетиле овие пештери како дел од нивната работа.

„Навистина е возбудливо. Кога ќе дојдете до овие откритија и ќе ги погледнете овие слики, ќе сфатите дека сте првиот човек во историјата на човештвото што го видел ова“, рече професорот Карер.

Кога професорите Брузоне и Карер откриле колку е голема пештерата, сфатиле дека може да биде добро место за лунарна база.

„На крајот на краиштата, животот на Земјата започна во пештерите, па логично е луѓето да живеат во нив на Месечината“, вели професорот Карер.

Пештерата сè уште не е целосно истражена, но истражувачите се надеваат дека георадарите, камерите или дури и роботите кои продираат во почвата би можеле да се користат за нејзино мапирање.

- Реклама -