Перински за МИА: Потегот на Струмица и Карпош не е решение, најмногу губат граѓаните

Секоја најава за нарушување на единството на ЗЕЛС му штети и на ЗЕЛС и на сите општини, оценува министерот за локална самоуправа Златко Перински по најавите на општините Струмица и Карпош дека ќе го напуштат ЗЕЛС.

– ЗЕЛС е единствената асоцијација на единиците на локалната самоуправа која што има мандат да ги застапува нивните интереси пред Владата. Добро е и во иднина да остане така. Ваквото однесување сериозно ја нарушува позицијата на ЗЕЛС, затоа што само единствен ЗЕЛС може да биде сериозен партнер на Владата во разговорите за унапредување на системот на локалната самоуправа и на развојот на општините, зад што оваа Влада застана многу отворено и јасно и преку конкретни решенија тоа веќе го потврдуваме, вели Перински во изјава за МИА.

Ваквите потези, според Перински, не се решение. Со пренасочување на вниманието и политизирање на случајот, губат сите, а најмногу граѓаните, вели Перински.

Прочитајте и:  Општина Струмица ја напушта ЗЕЛС поради индиферентниот однос кон проблемот со водата за пиење: „Струмичани се познати по издржливоста во неправдите од ВМРО-ДПМНЕ, ќе издржиме и сега“

По најавите на градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов дека Општина Струмица ќе излезе од ЗЕЛС, денеска и официјално од Општината соопштија дека се откажуваат од членството во ЗЕЛС и дека  градоначалникот Костадинов ќе поднесе оставка на функцијата член на Управниот одбор. Напуштањето на ЗЕЛС, како што соопштија, е во знак на револт заради индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.

Прес-конференција попладнево најави и претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.

- Реклама -