Истражувачи од универзитетот Дјук тврдат дека одлуките што ги носиме додека пазариме во супермаркет се троа поважни отколку што ги мислиме. Поконкретно, велат дека брендовите имаат поголем импакт врз нашиот личен живот отколку што сме свесни.
Гевин Фицсимонс, професор по маркетинг на бизнис школата Fuqua при универзитетот Дјук, објави извештај во Journal of Consumer Research, според кој согласувањата околу омилените брендови меѓу тебе и твојот животен сопатник се поважни дури и од карактерните особини или заедничките интереси.
Пишува вака:
„Луѓето мислат дека компатибилноста во врските доаѓа од тоа да се има слично минато, иста религија или степен на образование.
Но ние откривме дека тие нешта не објаснуваат колку среќен си во животот ни приближно колку што објаснува компатибилноста по однос на брендовите“.
Звучи претерано, и веројатно е, ама има тука и еден зезнат момент.
Имено, истражувачиве „откриваат“ дека партнерот со помала моќ во врската (тој што не успева да го обликува однесувањето на партнерот), најчесто потклекнува и го прифаќа изборот на брендови на другиот. Даниел Брик, кој има докторирано на бизнис школата, а сега предава на универзитетот во Њу Хемпшир, објаснува вака:
„Ако си тој со помалку моќ во врската и преферираш различен бренд од парнерот, веројатно ќе се најдеш во ситуација да си заглавен со неговите омилени брендови одново и одново. Ова може да доведе до чувство на ‘смрт од илјада исеченици’ (читај: капка по капка што води до прелевање на чашата).
Повеќето парови нема да раскинат поради некомпатибилност околу брендовите, но тоа води кон помалку моќниот партнер да се чувствува сé помалку и помалку среќен“.
Како референца, истражувачите анализирале брендови на газирани пијалоци, кафе, пиво, чоколадо и автомобили, следејќи индивидуалци и парови во текот на две години. Заклучокот им е дека нештата што обично не ги сметаме за важни во врската, (како брендовите) можат истата да ја упропастат, или барем влошат.
Брик вели:
„Ако сакаш Кока Кола, а партнерот ти сака Пепси (вие замислете порелевантни брендови, Кока Кола vs. Фанта, на пример), веројатно нема да раскинете од таа причина. Но по 11 години поминати во врска, ако тој/таа продолжи да се враќа дома со Pepsi, секој ден, тоа може да доведе до (мал) конфликт.
А ако ти си партнерот со помала убедувачка моќ во врската, кој постојано губи или попушта на полето на избор на брендови, и поради тоа си заглавен со преференците на другиот, ќе бидеш помалку среќен“.
Во кратки црти, поентата е дека во животот на секој „попуштач“ доаѓа момент кога ќе се развика „Купиш ли уште еднаш Пепси, има да леташ од куќава со се него!“. Ние би рекле дека тоа е производ на многу други психолошки аспекти кои баш и немаат врска со видот на сокот. Ама ајде, нека се радуваат брендовите дека баш до нив е.