Вашингтон, 27 октомври 2022 (МИА) – САД веруваат дека нивното нуклеарно оружје има за цел да „одврати каква било форма на стратешки напад“, вклучително и конвенционален, соопшти Пентагон во новата нуклеарна стратегија објавена денеска.
„Тоа вклучува употреба на нуклеарно оружје, без оглед на нивната сила, и вклучува напади од многу големи размери од стратешка природа со употреба на ненуклеарни средства“, изјави за новинарите висок претставник на американската одбрана.
Претставникот на Пентагон објасни дека целта на новиот пристап е да се отежни носењето одлука на противниците во време кога Русија ја обвинува Украина дека се подготвува да употреби „валкана“ бомба.
„Русија ја изврши својата агресија врз Украина под нуклеарна закана, со неодговорни изјави, нуклеарни вежби спроведени на нерегуларни датуми и лаги за потенцијална употреба на оружје за масовно уништување“, се вели во документот, објавен заедно со новата стратегија за одбрана на САД.
Во време кога САД очекуваат скорешно нуклеарно тестирање на Северна Кореја, Пентагон предупредува дека севернокорејскиот нуклеарен напад ќе биде „крајот на режимот“ на Ким Џонг-ун.
„Секој нуклеарен напад на Северна Кореја врз САД или нејзините сојузници и партнери ќе биде неприфатлив и ќе доведе до крај на тој режим“, соопшти Пентагон.
„Не постои сценарио во кое режимот на Ким би можел да употреби нуклеарно оружје и да преживее“, се додава во соопштението.
Кина се впушти во амбициозни напори за проширување, модернизација и диверзификација на своите нуклеарни сили, додаде американското Министерство за одбрана, прецизирајќи дека „се чини дека Пекинг сака да поседува најмалку 1.000 нуклеарни боеви глави до крајот на деценијата“.
Меѓутоа, „Русија е главниот ривал на САД со најразновидни и најспособни нуклеарни сили“, се наведува во документот.
Русија има 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави и 2.000 нераспоредени.
„Нејзиниот модерен нуклеарен арсенал, кој се очекува да расте, претставува долгорочна егзистенцијална закана за САД и нашите сојузници и партнери“, посочи американското Министерство за одбрана, наведувајќи дека во 2030-тите, САД ќе се соочат со две големи нуклеарни сили за првпат во својата историја кои ќе бидат стратешки конкуренти и потенцијални непријатели.