Поранешниот потпретседател на САД, Мајк Пенс, кој ја извршуваше оваа функција за време на првиот мандат на Доналд Трамп, остро реагираше на неодамнешната изјава на Трамп дека токму Украина е одговорна за започнувањето на војната со Русија.
Во своето последно обраќање,Трамп го изрази своето мислење за ситуацијата,наведувајќи дека Украина требала порано да најде начин да заврши со конфликтот. Тој го изрази своето незадоволство од украинската страна, истакнувајќи дека по три години од почетокот на војната, таа требала да биде завршена.
Пенс не остана без реакција и на социјалната мрежа Икс, а во својата објава нагласи дека фактите не смеат да бидат искривувани кога се разговара за меѓународна безбедност.
„Господине претседателе, реалноста е таа што Русија ја започна инвазијата, без никаков провокациски повод и со огромни човечки жртви. Вистината е основа врз која може да се изгради траен мир“, напиша Пенс, дополнувајќи го својот став со линк до наслов објавен од Fox News уште на 24 февруари 2022 година, кој јасно наведува дека Русија е таа што го започнала најголемиот воен напад во Европа од крајот на Втората светска војна.




