Денеска, во рамки на официјалната посета на земјава, претседателот на државата Стево Пендаровски и претседателката на Грузија – Саломе Зурабишвили, положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
По завршувањето на церемонијата, тие во црквата „Св. Спас“ ја посетија спомен-собата на Гоце Делчев, каде им беше презентиран саркофагот со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Софија.
„Со Саломе Зурабишвили денеска положивме цвеќе на гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, во ‘Св. Спас’ во Скопје. Црквата е еден од најзначајните споменици на културата. Значаен артефакт е имресивниот дрвен саркофаг изработен од копаничарот Нестор Алексиев Мирчевски. Во него биле донесени моштите на Делчев“, напиша Пендаровски на Фејсбук.
Претходно, Пендаровски и Зурабишвили имаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на официјалните делегации во кабинетот на претседателот, каде грузиската гостинка беше пречекана со највисоки државни и воени почести.
Ова е прва посета на грузиски државник од највисок ранг. На средбата беа потпишани Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грузија за укинување на визи и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија.
На прес-конференцијата, Пендаровски истсакна дека двете држави симболично се поврзани преку значаен јубилеј – оваа година и Македонија и Грузија прославуваат 30 години независност. Ние од стекнувањето, а Грузија од обновувањето на нејзината независност.
Прендаровски истакна и дека двете земји имаат исклучително богато природно и културно-историско наследство, па оттаму и Договорот за културна соработка.
Освен тоа, додаде шефот на државата, со Грузија споделуваме и слични стратешки надворешно-политички приоритети.
„Како земја-членка на НАТО, ние го поддржуваме правото на Грузија да гради најблиски можни односи со Алијансата, бидејќи тоа е суверен избор на грузискиот народ и во тој поглед, подготвени сме да ја продлабочиме соработката преку партнерските механизми.
Истовремено, како и Европската Унија така и ние како земја-кандидат за членство даваме цврста поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија во рамките на меѓународно признатите граници. Во исто време, ги поддржуваме Женевските меѓународни дискусии, кои остануваат единствен механизам со кој се ангажираат сите засегнати страни во решавањето на предизвиците што произлегуваат од нерешениот внатрешен конфликт во Грузија“, истакна Пендаровски.